Како да се чита кризата во Леринско? И грчката и македонската влада спечалија на меѓусебниот конфликт, така што секое влошување на ситуацијата за нив е добредојдено - колку полошо, за нив е подобро.
Има најмалку два начина на кои може да се разгледуваат инцидентите што се случија во изминативе неколку дена во Леринско, вклучувајќи го тука и оној со протерувањето на неколкуте македонски новинари.
За жал, единствениот што го виде пошироката македонска јавност е оној во кој работите се гледаат низ националистичката призма. Таквата перцепција воопшто не е за изненадување. Неа ја насочија неколкуте изјави на претставниците на македонските и грчките власти.
Груевски од Брисел побрза да оцени дека станува збор за демонстрација на сила и злоупотреба на позициите што Грција ги има во Европската Унија. Стигна и одговорот на портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи Јоргос Кумуцакос, кој рече дека оваа изјава на Груевски е провокација и мешање во внатрешните работи на Грција. Со тоа му се додаде на националистичкото перцепирање на проблемот дополнителна тежина со што јавноста како да подзаборави на другиот аспект на проблемот, оној обичниот, цивилниот, народниот, граѓанскиот...
Злоупотребата - Но, изјавите на двете влади не се ни оддалеку изненадување. Во последниве година и пол и повеќе, двете ја градат сопствената популарност во голема мера токму на македонско-грчкиот спор за името. Со тоа, воопшто не е чудно што и двете, како по некој премолчен договор, намерно во фокусот го поставуваа токму овој проблем, контекстуализирајќи го како единствен вистински аспект. Ако се сеќавате, грчкиот премиер Караманлис ги доби последните избори меѓу другото и затоа што покажа тврд став за прашањето со името на Македонија. Исто така, еден од клучните ставови со кои Груевски си ја спечали изборната победа летоска беше непопустливоста за истото прашање и ставот дека за договорот мора да се оди на референдум.
Би било тешко замисливо двете влади во таква ситуација да се откажат од можноста постојано да поентираат на тоа прашање и да си додаваат рејтинг поени, односно од можноста на секој начин да поттикнуваат и да предизвикуваат слични инциденти или настани по кои на крајот тие би излегувале како победници.
Дури и кога и во двете влади би имало разумни луѓе кои би биле свесни дека таквиот развој е штетен за сите освен за самите нив, тие не би можеле да променат нешто. Да се очекува тоа е утопија, исто како што е утопија капиталистот да се откаже од заработката за да му го направи поубав животот на работникот.
Контролата - Така навлечени на спиралата на влошувањето на состојбите ние би можеле да заглавиме во серија на уште посериозни инциденти и уште позасилен притисок. Единствена непозната во целата калкулација е како ќе изгледа меѓународниот фактор.
Што се однесува до Македонија е повеќе од јасно, но работите ги комплицира Грција, која, како што видовме во Букурешт, е во голем степен имуна на американскиот притисок.
Досегашната практика покажува дека ваквите ситуации за империјалистичката колонијална надворешна политика на САД се одлична можност да го засилат сопствениот влијание (овде го користат терминот win win ситуација). Во случајот на конфликтните ситуации суперсилите кои се вмешуваат како богот од машината кој ги разврзува замрсените ситуации, обично добиваат нешто од спорот. Контролираните кризи обично се користат како одлично средство за контрола на елитите во државите. Впрочем, македонската внатрешна криза поврзана со бојкотите на парламентот и односите со албанските партии беше искористена за да се засили притисокот за признавање на Косово. Тоа е најсвеж, речиси школски пример како функционираат овие механизми.
Инструментализацијата - Вториот аспект, на кој мислев на почетокот на овој текст, е оној цивилниот. Еден од директните учесници во инцидентите, Доне Тасопулос изјавил дека протестите на локалното население против грчките воени вежби немале политички мотиви, туку селаните биле уплашени од карциномни заболувања што може да се јават како последица од вежбите. Според оваа изјава во судирот главни протагонисти се цивилите, наспрема грчките вооружени сили. Соодветно, може да се зборува за судир меѓу народот и „неговата" влада.
Во светлината на овој аспект, доколку вистинските мотиви навистина биле политички, за осуда е што се злоупотребува еден вистински проблем (воените вежби со последици по здравјето), за да се прикрие политички мотивирана акција. Тешко веројатно е дека таквата евентуално политички мотивирана акција би се извела без поддршка или барем премолчено одобрение од македонска страна.
Доколку, наспрема тоа, немало политика во акцијата, за осуда е што една вистински хумана акција се злоупотребува во политички цели.
Во целиот вртлог на национализмот и инструментализацијата на цивилната иницијатива обичниот човек, во случајов оној во Леринско, е жртва на интересите на елитите. Во таква ситуација тој се наоѓа во ситуација во која губи што и да се случи.
15 октомври 2008
Спиралата на кризата
Posted by
.аНТИ
at
среда, октомври 15, 2008
Labels: капитализам, колумна, општество
Subscribe to:
Post Comments (Atom)



2 comments:
Всушност, здравствено - политичката дилема доаѓа од следното:
1. Грчката влада има политички мотив да ја вежба војската токму таму: сака да ги заплаши Македонците од двете страни на границата.
2. Локалното население има здравствен и економски мотив да ги сопре вежбите: се плашат за здравјето и им се парчосуваат нивите.
Се работи за едноставен проблем, напумпан со многу негативен набој, во времетраење од еве веќе 100 години, Ивица.
Само што не сум сигурен дека „цивилната иницијатива“ е навистина цивилна и самоникната.
Одредени показатели зборуваат дека македонските тајни служби се инспиратор на „народното будење“.
Бидејќи конкретните проблеми на тамошното население не се спорни, тие луѓе се изманипулирани и злоупотребени, но не само од грчката страна.
И уште нешто - не се согласувам со прикажување на настаните само како на судир помеѓу Македонците и грчката полиција и војска. Тоа се сепак грчки граѓани, и исто така и во тој контекст треба да се анализира работата.
Слични ситуации имавме и кај нас, со прекумерна употреба на сила од страна на полицијата и пара-милитарните групи кон албанското население, но не се сеќавам дека јавноста толку многу се возбуди (освен „така им треба“ коментарите на национал-шовинистите).
Post a Comment