10 ноември 2008

За развојот на техниката во служба на човекот

Тогаш кога науката и технологијата ќе се очовечат, кога ќе престанат да бидат во служба на нешто различно од човечките потреби како што е тоа капиталот, ќе му помогнат на човекот суштински да си ги олесни околностите на својот живот.

1. „Ако постои во општеството потреба за техниката, тогаш тоа науката ќе го унапреди повеќе отколку десет универзитети. Целокупната хидростатика (Торичели итн.) е создадена поради потребата да се регулираат планинските реки во Италија во XVI и XVII век. За електрицитетот знаеме малку порационално дури откако беше откриена неговата техничка употребливост. Но во Германија, за жал, се навикнале да ја пишуваат историјата на науките како тие да паднале од небо“ - (од писмото на Енгелс до Х. Штаркенбург, Лондон, 25.01.1894)

2. Развојот на комукациските технологии е условен од брзиот раст на побарувачката на овие технологии, со растот на пазарот. Освојувањето на вселената и развојот на вселенската технологија беа условени, најпрвин, од трката во вооружувањето со ракетни системи, и второ, од потребите на пропагандата за време на студената војна и тн. војна на ѕвездите. Откако престанаа овие потреби, посебно со крајот на студената војна, сите сме сведоци дека престана и таканаречениот спејс ејџ (вселенската ера).
Овие два примери на кои сме сведоци и самите говорат за точноста на тврдењето на Енгелс.

3. Општествените услови во денешниот капиталистички свет делуваат стимулативно само за оние технологии кои се поврзани со економскиот интерес, со потребите на пазарите. Значи, науката работи за напредокот на профитите, за напредокот на капиталот, а не за напредокот на човекот. Науката и техниката не постојат за да ги задоволат човечките потреби, туку да ги задоволат потребите на капиталот. Ако капиталот најде дека му е во интерес да развие и омасови некоја технологија, тој тоа ќе го направи. Ако, пак, види дека нема можности од комерцијализација во развојот на некоја определена технологија, таа нема да биде развиена, независно колкава е човечката потреба од неа.
Во такви односи, на човекот му останува да комуницира со науката единствено преку пазарот. Капиталот го поставил пазарот помеѓу човекот и неговата наука. Со тоа, науката и технологиите повеќе не се човечки, туку туѓи, дадени одозгора (паднати од небо).

4. Визијата за свет во кој технологијата ги решила проблемите на човекот („Звездени патеки“) ќе остане утопија се до оној момент додека остане состојбата ваква. Тогаш кога науката и технологијата ќе се очовечат, кога ќе престанат да бидат во служба на нешто различно од човечките потреби како што е тоа капиталот, тие нема да му помогнат на човекот суштински да си ги олесни околностите на својот живот. Дури и тогаш кога тие му овозможуват некои работи да ги завршува на полесен начин, човекот во нив не гледа како на помошно средство, како на продолжение на човечкото тело со кое ги врши своите работи, туку како на нешто што е туѓо, страшно, дехуманизирачко, како на сатански предмет паднат од небото. Човекот на таквата „сатанска“ технологија гледа како на подарок од боговите кој во себе има вградена катаклизмичка направа, која порано или подоцна ќе се активира, ќе му се освети и ќе му наплати за се за што му помогнала.

5. Во современиот капиталистички свет се почесто техниката станува инструмент за контрола на човекот. Најочигледен пример за тоа е софтверот кој за да се користи, мора да се апдејтува за што корисникот е должен на редовни циклуси да уплаќа одредени суми. Исто е и со други производи за кои постојат ексклузивни одржувачки сервиси (да речеме во автомобилската индустрија или во индустријата за мобилни компјутери). Преку ова клиентот се задолжува на производителот повремено да му уплаќа суми за одржување на производот. Ова врзување со еден вид двонасочно папочно црево човекот го доживува како одземање на самостојноста; што уште повеќе придонесува за впечатокот дека станува збор за „сатанска“ технологија, која еден ден ќе се сврти против човекот („Матрикс“, „Јас робот“); на која еден ден човекот ќе и стане, ако веќе не се случило тоа, роб.

3 comments:

Горан said...

Многу си во право за ова

Трајче said...

Voveduvanjeto na standardi i proceduri za pobrza i poefikasna komunikacija na naucno i tehnicko nivo dodjde do tamu da e vo sluzba na proizvodstvoto i drzavnata kontrola, na smetka na tvoreckata kreativnost.
Trajce

RepeatThis said...

Zeitgeist е закон документарец. Секоја чест за постот! Ми е жал што малку луѓе се воопшто свесни за фактот дека стануваме робови. Искрено сум исплашен за иднината зошто се повеќе само наведнуваме глава без никаков протест на се ова што секојдневно ни се случува. Страшно... нема ни да имам деца...не ги осудувам свесно на робување...


био контакт