12 ноември 2008

Јасли на апатијата

Нормално е за секој свесен припадник на едно општество, макар било тоа и привремено како што е студентското, да биде политички активен, да се обиде да влијае врз околностите на своето битисување. И обидот за влијание на студентската политика, е - политика!

Моите први посериозни обиди во новинарството и како книжевен критичар ги направив во студентскиот весник „Студентски збор". Тоа се случуваше неколку години пред овој гласник на студентската популација да престане да постои. Подоцна, со текот на годините, фактот што мои текстови се наоѓале на страниците на ова списание, за мене беше дотолку поголемо задоволство што дознавав дека низ весникот продефилирале некои од клучните имиња на македонската публицистика, новинарство, книжевност, андерграунд-сцена... Нема да набројувам овде, доволно е да кажам дека речиси и да нема редовен читател на печатот или гледач на вести, а макар еднаш дневно да не дојде во контакт со текст, прилог, рецензија, уметничко дело или изјава на човек кој учествувал на некој начин во „Студентски збор". Значи, неспорна е потребата од постоење таков проект, во кој студентската популација ќе може да ги оствари своите потенцијали и да ги артикулира своите потреби. Не само за потребите на студентите, самиот проект придонесе многукратно и за целото општество.

Студентски молк - Непосреден повод за колумнава е укинувањето на уште еден студентски медиум - Студентското радио. Двата медиума проектирани да бидат гласници на студентската популација исчезнаа едноподруго во период од само неколку години, а немаше речиси никаква реакција од студентите. Ако ја имаше, таа беше неорганизирана, млитава, безгласна... Што беше причина за тоа?

Прво, општата состојба со студентското движење, ако нешто толку апатично воопшто може да се нарече движење, е таква што дури и за покрупни работи нема реакција. Да речеме, кога се смени политиката за запишување на студенти, па се воведе партиципација - студентите речиси ни со прст не мрднаа да не се случи тоа. Сведоци сме од соседството што се случува кога ќе има макар и најава за такво нешто. На пример, нивните грчки колеги неодамна упаднаа на седница на ректорската управа кога на неа се расправало за воведување и за зголемување на партиципацијата. Студентите го зазедоа универзитетскиот кампус, имаше немири, протести, полиција, а ситуацијата толку се радикализира што беше запален и паркиран автомобил. Овдешната студентска популација е во таква мизерна и неосвестена состојба што често не ни знае дека има некаква иницијатива на нејзина штета.

Друг проблем е колку таквите медиуми, „Студентски збор" и Студент ФМ, навистина беа глас на студентите или, пак, беа само медиуми што ги создаваат студенти, без притоа да имаат премногу удел во нивната уредувачка политика. За студентите еден медиум, или воопшто организација, да го препознаат за свој, тој треба да ги искажува нивните вистински ставови, нивните вистински потреби, содржините да произлегуваат од самите студенти, а не од одозгора поставена цел. Во вториов случај, студентските медиуми станале демагошки или нестудентски.

Влез - Чии интереси тогаш бранат студентските организации и медиуми, ако тоа не се студентите? Во јавноста е вообичаено мислењето дека проблемот со студентското организирање е тоа што партиите не сакаат да кренат рака од влијанието во него.

Тоа е погрешно. Идните политичари обично доаѓаат токму од студентската интелигенција, така што нормална ситуација е партиските подмладоци да бидат активни меѓу студентите. Најпрвин, за да регрутираат членови, потоа низ активностите да го прекалат веќе постоечкото членство.

Нормално е за секој свесен припадник на едно општество, макар било тоа и привремено како што е студентското, да биде политички активен, да се обиде да влијае врз околностите на своето битисување. И обидот за влијание на студентската политика, е - политика!
Затоа, не е чудно што најсвесните студенти се активираат политички, прво во студентското движење, а тоа често завршува со ангажман и во политичките партии.

Вистинскиот проблем е малку поширок. Политичките партии во Македонија имаат недемократски внатрешен поредок, ја задушуваат внатрешната дебата, ги оневозможуваат внатрешните иницијативи. Тоа се одразува на полтронскиот однос на нивните подмладоци кон централата, а тука се разбира и студентските организации. Историјата многупати покажала дека студените во партиите се највиталниот дел кој често знае да ја врати партијата на вистинскиот пат и од каде што почнуваат промените и реформите. Тоа во земјава не се случува.

Ова го кажувам и од лично искуство. Официјалниот став на една од грчките левичарски партии е непризнавање на уставното име на Македонија. Наспрема тоа, младинската организација на таа партија (имав можност да запознаам неколку луѓе од раководството), се противат на таа политика и бараат признавање на уставното име. Тоа е прогресивен став, наспрема конзервативизмот што доаѓа од централата.

Исход - Студентската популација може да се избори за своите права само потпирајќи се на сопствените потенцијали. Илузија е да се очекува дека ќе дојде некој однадвор и ќе им даде нешто на тацна. Тука спаѓаат и политичките партии.

Студентските организации, ако се навистина свесни за сопствената положба, ќе мора да научат да им се спротивстават на партиските централи за некои од клучните прашања на студентската политика доколку сакаат да бидат препознаени како вистински студентски организации. Во спротивно, ќе останат она што се денес - продолжена рака на партиите.

5 comments:

Anonymous said...

zalosno e sto zgasnuvaat mediumi kako studentski zbor ili student fm uste pred da ja doziveeat svojata kulminacija. od studentski zbor denes ima samo edna knizara. Od Student fm - ni toa. Student fm zgasna, blagodarenie na odlicnata sorabotka megu rektoratot i pretstavnicite na studentite... i toa se bidejki studentite i ovoj pat se pokazaa kako megusebe da ne se kolegi, tuku najgolemi neprijateli, pa nitu eden vo famoznata studentska organizacija ne se sprotivstavi na nivniot "guru" i ne rece deka Sojuzot ne smee da se soglasi so nesto takvo...
Sramota! Za site nas! mislev deka mozat mnogu raboti da se slucat na ova parce zemja, no ne i da se gasi glasot na studentite...

боро said...

Вечерта пред поранешните избори за претседател на ССУКМ се најдов на кратко во Кузман кај еден пријател кој тогаш беше студент. Во домот вриеше од набилдани батки - еден ме пречека уште на влезот долу. Ги познавав скоро сите, од Прилеп, не беа студенти. Кого тие чуваа и од кого? ССУКМ е трула организација до коска. Маката ни е што сите тоа го знаат, ама слабо некако ни оди отпорот. Имаше порано годинава некоја иницијатива за формирање на уште една студентска организација, ама што се случи поим немам. Може ли легално да се регистрира уште една студентска организација?

боро said...

Само уште ова: во Србија за време на Милошевиќ ситуацијата со студентските организации беше слична како во македонија - само една организација, комплетно политизирана и ставена под контрола на режимот. Се додека не се појави СУС (Студентска Унија Србије), која со сите критики за подоцнежната бирократизираност, беше навистина расадник на отпорот и покажа уствари какво е вистинското расположение на „просечните“ студенти/ки. Ако се појави една слична организација во македонија, ССУКМ ќе се распадне како меур од сапуница. А, и кога ќе ми текне дека Отпор започна како студентско движење... да не зборуваме за Словенечките студенти уште за време на СФРЈ... Толку ли не не бива?

acid fake said...

Текстот кој следува (во следниот коментар)веќе беше постиран на блогот za-sto-plakas.blogspot.com, по повод текстот за затворањето на Студент фм. Потоа, во следните коментари на тој блог налетав и на овој блог и на овој текст кој обработува сосема слична или иста проблематика. Поради тоа што, од една страна ставовите со авторот ни се слични и двата текстови обработуваат иста проблематика, а затворањто на радиото е сеуште актуелна тема и активизмот треба да го започне своето дејствување од друга, сметам дека би било во ред повторно да го постирам текстот во целост.
Овде повторно ќе нагласам дека Студентски збор беше високо квалитетен медиум што се однесува до својата содржина, апсолутно е точен и фактот дека студентски збор беше медиум низ кој поминале сите релевантни имиња од македонската сцена (новинарска, уметникка, итн...) и повторно ќе го искажам и мојот став околу потенцијалот на Студент фм и нужноста за негово постоење (и воопшто постоење на билокакво студентско гласило!). Го делам и мислењето околу нужноста од политичката отвореност на умот на студентската интелектуала. Но, потребата од политичка активност и нужноста од интересирање барем за некоја општа политика кај студентската младина (или онаа која би требало да биде носител на студентската интелектуала), незначи дека самата активност и самото интересирање за истата постојат. Исто како што незначи дека постои студентска интеректуала. Така обично бидува овде: она што треба и она што е, не секогаш се споени. Заклучокот, нема потреба ни да се повторува. Но поради фактот што можеби и не е доволно јасен, ако заклучиме од тоа што сеуште никој не презема ништо во врска со тоа, да го повториме уште еднаш: не постои ни ангажманот околку своите сопствени студентски проблеми (кој ги има и те како доволно), а не па за остатокот од проблемите со поширок политички опсег. Не постои интересирање ни за своите реални проблеми поврзани со материјата која се студира, а ние бараме уште и нешто повеќе!? Незнам само до кога ќе се чукаме во гради со извонредните македонски млади умови кој постојано се извезуваат во странство, додека студентската интелектуала ОВДЕ ја нема? Нешто не ми е доволно логично тука. Но да! Достојни работници некаде ТАМУ се секогаш и повеќе од потребни, а (не баш) достојни полтрони се секогаш добредојдени ОВДЕ. Жално е кога моите пријателчиња со завршени два факултети, не само што немаат никаков абер од политички ангажман, туку и не ги ни разбираат работите кој треба да ги засегаат. Од оние кој студирале надвор неможам ни да очекувам било какво разбирање за нашите студентски проблеми.
И покрај тоа што го донесовме заклучокот, проблемот сеуште не е ни зачнат. Додека сеуште зборуваме дека студентска интелектуала нема, нема ни да можеме да зборуваме за било каков студентски активизам и било какво започнување на решавање на проблемот. Тоа е исто како да зборуваме за тоа дека треба д а постои музичка сцена, а нема ниту еден бенд! Сепак треба конечно д а престанеме да правиме дебати за тоа дали има сцена или не, а наместо тоа да формираме бенд и да почнеме да свириме.

***

acid fake said...

Драги колеги и студентска интелектуала,

Случајот е проблематичен од неколку аспекти. А најголемиот проблем е што ова не се случува прв пат. Веќе еден медиум за слободно изразување на студентите, пред 4-5 години е згаснат! Сигурно сте помлади и не се ни сеќавате на него, а се работи за најсериозното, најбитното и најстарото гласило на студентите списанието Студентски збор. Зашто најбитно? Затоа што студенти и студентска интелектуала нема без свое гласило! Претпоставувам никаде во светот. Списане во кое пишуваа студенти кој имаа нешто да кажат, во кое пишуваа луѓе кој денес станале нешто на сцената и каде имаше извонредни текстови. Впрочем затоа и служи еден медиум, за изразување доколку некој има нешто да каже. Меѓутоа во еден момент после 55 години постоење, и прилично успешна од некој аспекти работа, без никаква најава тоа списание спонтано исчезна. Без никакво навестување, без никаква реакција, иако за него секој студент еднаш годишно, кога ја запишува новата година на студии, плаќаше 200 денари на жиро сметката на факултетот (дури и по згаснувањето на медиумот). Сепак некој сметал дека студентско гласило не е потребно или не треба да постои.
Каква ќе биде студентската младина доколку нема каде да се изрази и каде да го искаже својот став? Секако ќе молчи и ќе ги преќутува проблемите, што на некого евидентно му одговара. Нема каде да го искаже својот став, нема каде да се пожали за лошите услови во студентскте домови, каде да го искаже својот став за партиципацијата и комерцијализирањето на студиите, за лошиот однос на професорите и негрижата на универзитетот за потребите на студентите, едноставно воопшто каде да се искаже младешкиот револт. Поврторно да нагласиме, се тоа на некого му одговара.
Во претходната колумна е потенцирана изјавата дека радиото е затворено поради немање средства, а потоа сето тоа е демантирано со ставот дека сепак радиото ќе се отвори. Јасно е дека оние кој стојат позади ова сметаат дека студентите се приглупи, дека нема да реагираат, што е донекаде точно, а точно е и дека не се доволно заинтересирани (или пак мотивирани), но неможе секој од нив да е толку глупав како тие сметаат. Јасно е исто така која е другата причина зашто не се дозволува слободно мислење. Да цитирам реченица од колумната: Студентското радио беше затворено за сојузот да стави свои луѓе, да ја контролира содржината и да ги контролира студентите.
Сликава ни изгледа некако позната. Можеби е истата со генералната слика во државата. Меѓутоа каде се врбуваат најпослушните поданици на партиите? Секако меѓу сеуште недооформената амофна студентска маса, која очајно се бори да стигне до смрдлива соба во некој од студентските домови, очајно се бори да преживее плаќајќи партиципација или да ископира книги. Студентска интелектуала во македонија нема, има студентска провинцијала!!! Која очајно се бори да стигне до смрдлива соба во некој од судентските домови преку партиска книшка или пак се бори да се бутне во некој од студентските организации од каде ќе ја продолжи својата кариера во некоја од реномираните партии во државата. Тоа не само што не ми личи, туку нималку не потсетува на студентската интелектуала од западните земји која ревносно се бори за своите права (иако има исполнето многу повеќе услови од овдешната), или пак да земеме конкретен и близок пример, на белградските студенти кои пред 1 месец протестираа на Белградскиот универзитет. Разликата е и повеќе од јасна. Каква држава, такви студенти. Какви студенти, таква држава. Прашањето е само кога ќе се прекине овој маѓепсан круг? Најверојатно кога ќе согледаат дека меѓу студентите има некој кој размислува, и наместо да се покори на одлуките кој одат само во нивен прилог, дава и отпор.
Покрај грижата за студентските права, од друга страна и како радио активист, искрено сум загрижен поради затворањето на овој медиум. Сметав дека ова радио иако сеуште на самиот почеток, концепциски и музички нестабилен, можеби сеуште со слаба политика имаше сериозен потенцијал да се развие во сериозно студентско гласило, како што беше и Студентски збор. Тој студентски медиум згасна без никаква реакција, не треба да се дозволи историјата да се повтори поради нечии лични интереси.
Меѓутоа случајот со едно друго, исто така државно радио, потврдува дека отпорот не е залуден. Музичкото радио Канал 103 се најде во иста ситуација и по доволно силен отпор радиото, зачудувачки за наши услови, беше вратено! Сепак сериозниот обид за отпор може да вроди со резултат и е поттик за понатамошна борба. Можеби споредбата е нееднаква, поради тоа што студентското радио беше на самиот почеток (изземајќи ја неговата претходна инкарнација која исто така мистериозно згасна), немаше доволно изградена и компактна екипа и немаше доволно публика... Но, сепак, има доволно студенти кој треба да застанат во поддршка на случајот, воедно и во заштитата на своите права!
Студенти разбудетесе! Времето поминува, а за 5-6 години нема да бидете студенти. Тоа незначи дека треба да чекаме тоа време да помине во било какви услови и на следните генерации да им го оставиме наследството во кое живееме ние, и тоа поради нашата индолентност. Да не дозволиме да бидеме манипулирани од нивните небулози и лични користи. Да не дозволуваме НАШИТЕ студентски гласила да бидат затоарани, а ние замолчувани, додека НИВНИТЕ деца студираат во страство (вистинит случај со врхушките на еден од овие медиуми). Да не дозволиме со носталгија да се сеќаваме за работата на и во овие медиуми, туку директно да учествуваме во нивната надградба и развој. Да се сеќаваме за продуктивните денови на нашите студии, а не за репресијата и нашиот молк.
Кога се наоколу е потиштено, кога реално нема никаква сцена, кога никаде нема реакции за ништо што не засега, закучокот е евидентен. Доколку и понатака е потребен заклучок: студентско гласило мора да постои, а ние нема да бидеме замолчени!


био контакт