Прилог кон дебатата за влијанието на кризата на капитализмот врз зголемениот интерес за марксизмот
1. „… под влијанието на кризата на капитализмот (крајот на шеесетите години на XX век - заб. И.А.) која започнува, настануваат бурни промени во марксистичката мисла на Западна Европа. Настанува ситуација, за која Маркс би рекол дека не само што се стреми мислата кон остварување, туку и самата стварност се стреми кон мислата - историската практика и се наметнува на теоријата, односно ја репродуцира теоријата. Во таа нова историска ситуација се засилува класнореволуционерната ориентација на марксизмот, а бидува потисната позитивистичката и апстрактно-хуманистичката ориентација. Наместо едностраната и неисториска антрополошка тематика која веќе се исцрпувала во јаловите расправи за отуѓувањето, слободата, човекот како човек, во прв план на марксистичките расправи доаѓаат прашањето на работничката класа и нејзините револуционерни борби, на производните сили, на содржината и на целите на социјалистичката револуција, на економската криза, на класниот карактер на науката, на културата, на образованието, на односот на теоријата и на практиката и слично.
Покрај тоа тие расправии одново го афирмираат единството на марксистичката теорија. Филозофијата повеќе не се јавува одвоена од другите делови на марксизмот, таа е присутна во анализата на економијата, на производните сили, на класната борба. Класната борба се разгледува заедно со своето политекономско втемелување, а се пробива и мислата за теоријата за револуцијата изведена од филозофски заснованата критика на политичката економија со посредство на учењето за класната борба.“ (Извадок од текстот „Марксизам - теорија на пролетерската револуција“ на Милош Николиќ објавен во 1977 година)
2. Со кризата на капитализмот и со нејзиното натежнување на грбот на работничката класа повторно се зголемува интересот за марскистичката теорија. Сепак, интересно е од каква природа е тој интерес, значи кои му се мотивите, и што може да најде во марксизмот, а што во другите науки на може да го најде?
Прво, според некои теоретичари и марксисти, по втората светска војна марксизмот на Запад почнува да ја губи целината на учењето и се разбива на неговите составни делови: филозофската основа, историскиот материјализам, критиката на политичката-економија, учењето за класната борба и теоријата на социјалната револуција. Како такви, тие засебно не се марксизам, односно, ја губат главната цел на целокупното марксово дело, а тоа е револуционерната измена на светот. Тргнувајќи од фактот што во моментов не постојат релевантни сили на Западот кои повикуваат или работат на револуционерна измена на светот, може да се заклучи дека мотивите за зголемениот интерес за марксизмот не се од револуционерна природа. Се поставува прашање, дали воопшто станува збор за зголемен интерес за марксизмот, или само за одредени негови сегменти, што, со самото исклучување на револуционерните мотиви, се бенигни за капитализмот.
Второ, тогаш, се поставува прашањето какви се тие мотиви? Ако воопшто тие мотиви имаат врска со практиката, тогаш таа се состои во тоа да се осознаат слабостите на капитализмот и да се поправат. Значи, станува збор за реакционерни мотиви, интерес кој има за цел да го одржи капитализмот во живот. Изменет, но сепак капитализм. Тоа се цели кои се во директна спротивност на самата суштина на марксизмот, а кои одат во прилог на граѓанското сфаќање на неговите делови - што е во суштина сосема безопасно за капитализмот, и бесполезно за работничката класа.
3. Вистинскиот интерес за марксизмот, односно, за науката за револуционерната промена на светот, ќе се развие тогаш кога последиците од кризата на капитализмот ќе се почувствуваат на грбот на пролетеријатот во нивната полна сила. Со тоа ќе се исполни условот тој интерес да има своја втемеленост во материјалното живеење, а не само во теоријата.
4. Капиталистичките општества во периодот на Студената војна развија механизми на амортизација на незадоволството и затапување на класната борба, најчесто со несуштински козметички реформи, при тоа користејќи ја обилно и поддршката на реформските струи во работничките партии и во синдикалните организации. Краен израз на таквите квазиослободителни тенденции се државите на таканаречениот капитализм со човечко лице најсилно изразени во Скандинавските земји, а кои во суштина се сепак само капитализм.
Дел од таквите механизми директно ги презедоа и државите на таканаречениот поранешниот социјалистички блок.
Тоа затапување на класната борба ќе се одвива на две нивоа.
Прво, капиталистичките општества ќе преземат мерки со кои ќе заштитат дел од работничката класа од последиците на кризата, но за возврат многукратно ќе им ги намалат нивните права. Кризата ќе резултира со затворање на многу компании и зголемување на невработеноста, што ќе води до кастрење на работничките права. Со таквите козметички мерки, капиталистичките држави ќе се обидат да го намалат револуционерниот потенцијал на мнозинството.
Второ, на теоретско ниво, ќе продолжи да се форсира граѓанското сфаќање на марксизмот, како комплекс од науки во повеќе сегменти, при тоа, намерно изоставајќи ја целината која подразбира револуционерна промена на светот,односно, укинување на капитализмот.
13 ноември 2008
Што може да значи зголемениот интерес за делата на Маркс?
Posted by
.аНТИ
at
четврток, ноември 13, 2008
2
comments
Links to this post
Labels: капитализам, општество
12 ноември 2008
Јасли на апатијата
Нормално е за секој свесен припадник на едно општество, макар било тоа и привремено како што е студентското, да биде политички активен, да се обиде да влијае врз околностите на своето битисување. И обидот за влијание на студентската политика, е - политика!
Моите први посериозни обиди во новинарството и како книжевен критичар ги направив во студентскиот весник „Студентски збор". Тоа се случуваше неколку години пред овој гласник на студентската популација да престане да постои. Подоцна, со текот на годините, фактот што мои текстови се наоѓале на страниците на ова списание, за мене беше дотолку поголемо задоволство што дознавав дека низ весникот продефилирале некои од клучните имиња на македонската публицистика, новинарство, книжевност, андерграунд-сцена... Нема да набројувам овде, доволно е да кажам дека речиси и да нема редовен читател на печатот или гледач на вести, а макар еднаш дневно да не дојде во контакт со текст, прилог, рецензија, уметничко дело или изјава на човек кој учествувал на некој начин во „Студентски збор". Значи, неспорна е потребата од постоење таков проект, во кој студентската популација ќе може да ги оствари своите потенцијали и да ги артикулира своите потреби. Не само за потребите на студентите, самиот проект придонесе многукратно и за целото општество.
Студентски молк - Непосреден повод за колумнава е укинувањето на уште еден студентски медиум - Студентското радио. Двата медиума проектирани да бидат гласници на студентската популација исчезнаа едноподруго во период од само неколку години, а немаше речиси никаква реакција од студентите. Ако ја имаше, таа беше неорганизирана, млитава, безгласна... Што беше причина за тоа?
Прво, општата состојба со студентското движење, ако нешто толку апатично воопшто може да се нарече движење, е таква што дури и за покрупни работи нема реакција. Да речеме, кога се смени политиката за запишување на студенти, па се воведе партиципација - студентите речиси ни со прст не мрднаа да не се случи тоа. Сведоци сме од соседството што се случува кога ќе има макар и најава за такво нешто. На пример, нивните грчки колеги неодамна упаднаа на седница на ректорската управа кога на неа се расправало за воведување и за зголемување на партиципацијата. Студентите го зазедоа универзитетскиот кампус, имаше немири, протести, полиција, а ситуацијата толку се радикализира што беше запален и паркиран автомобил. Овдешната студентска популација е во таква мизерна и неосвестена состојба што често не ни знае дека има некаква иницијатива на нејзина штета.
Друг проблем е колку таквите медиуми, „Студентски збор" и Студент ФМ, навистина беа глас на студентите или, пак, беа само медиуми што ги создаваат студенти, без притоа да имаат премногу удел во нивната уредувачка политика. За студентите еден медиум, или воопшто организација, да го препознаат за свој, тој треба да ги искажува нивните вистински ставови, нивните вистински потреби, содржините да произлегуваат од самите студенти, а не од одозгора поставена цел. Во вториов случај, студентските медиуми станале демагошки или нестудентски.
Влез - Чии интереси тогаш бранат студентските организации и медиуми, ако тоа не се студентите? Во јавноста е вообичаено мислењето дека проблемот со студентското организирање е тоа што партиите не сакаат да кренат рака од влијанието во него.
Тоа е погрешно. Идните политичари обично доаѓаат токму од студентската интелигенција, така што нормална ситуација е партиските подмладоци да бидат активни меѓу студентите. Најпрвин, за да регрутираат членови, потоа низ активностите да го прекалат веќе постоечкото членство.
Нормално е за секој свесен припадник на едно општество, макар било тоа и привремено како што е студентското, да биде политички активен, да се обиде да влијае врз околностите на своето битисување. И обидот за влијание на студентската политика, е - политика!
Затоа, не е чудно што најсвесните студенти се активираат политички, прво во студентското движење, а тоа често завршува со ангажман и во политичките партии.
Вистинскиот проблем е малку поширок. Политичките партии во Македонија имаат недемократски внатрешен поредок, ја задушуваат внатрешната дебата, ги оневозможуваат внатрешните иницијативи. Тоа се одразува на полтронскиот однос на нивните подмладоци кон централата, а тука се разбира и студентските организации. Историјата многупати покажала дека студените во партиите се највиталниот дел кој често знае да ја врати партијата на вистинскиот пат и од каде што почнуваат промените и реформите. Тоа во земјава не се случува.
Ова го кажувам и од лично искуство. Официјалниот став на една од грчките левичарски партии е непризнавање на уставното име на Македонија. Наспрема тоа, младинската организација на таа партија (имав можност да запознаам неколку луѓе од раководството), се противат на таа политика и бараат признавање на уставното име. Тоа е прогресивен став, наспрема конзервативизмот што доаѓа од централата.
Исход - Студентската популација може да се избори за своите права само потпирајќи се на сопствените потенцијали. Илузија е да се очекува дека ќе дојде некој однадвор и ќе им даде нешто на тацна. Тука спаѓаат и политичките партии.
Студентските организации, ако се навистина свесни за сопствената положба, ќе мора да научат да им се спротивстават на партиските централи за некои од клучните прашања на студентската политика доколку сакаат да бидат препознаени како вистински студентски организации. Во спротивно, ќе останат она што се денес - продолжена рака на партиите.
Posted by
.аНТИ
at
среда, ноември 12, 2008
5
comments
Links to this post
Labels: капитализам, новинарство, општество
11 ноември 2008
Вљубените жени
Тие имаат високи рамена
И итар изглед
Или лица што збунуваат
Ја носат довербата во градите
На височината на која муграта на нивните дојки се крева
За да ја соблече ноќта
Со очи што можат да кршат камења
Се насмевнуваат без на тоа да мислат
За секој сон
Имаат роеви од крикови од снегови
Езера од голотија
И искорнати сенки.
Треба да им се верува на нивните бакнежи
На нивните зборови на нивните погледи
И само бакнежите да им се сакаат.
Јас го покажувам твоето лице
Големите луњи на твоите дојки
Тоа е се што јас го познавам и не го познавам
Љубов моја љубов твоја љубов твоја љубов твој.Пол Елијар
Posted by
.аНТИ
at
вторник, ноември 11, 2008
0
comments
Links to this post
Labels: поезија
10 ноември 2008
За развојот на техниката во служба на човекот
Тогаш кога науката и технологијата ќе се очовечат, кога ќе престанат да бидат во служба на нешто различно од човечките потреби како што е тоа капиталот, ќе му помогнат на човекот суштински да си ги олесни околностите на својот живот.
1. „Ако постои во општеството потреба за техниката, тогаш тоа науката ќе го унапреди повеќе отколку десет универзитети. Целокупната хидростатика (Торичели итн.) е создадена поради потребата да се регулираат планинските реки во Италија во XVI и XVII век. За електрицитетот знаеме малку порационално дури откако беше откриена неговата техничка употребливост. Но во Германија, за жал, се навикнале да ја пишуваат историјата на науките како тие да паднале од небо“ - (од писмото на Енгелс до Х. Штаркенбург, Лондон, 25.01.1894)
2. Развојот на комукациските технологии е условен од брзиот раст на побарувачката на овие технологии, со растот на пазарот. Освојувањето на вселената и развојот на вселенската технологија беа условени, најпрвин, од трката во вооружувањето со ракетни системи, и второ, од потребите на пропагандата за време на студената војна и тн. војна на ѕвездите. Откако престанаа овие потреби, посебно со крајот на студената војна, сите сме сведоци дека престана и таканаречениот спејс ејџ (вселенската ера).
Овие два примери на кои сме сведоци и самите говорат за точноста на тврдењето на Енгелс.
3. Општествените услови во денешниот капиталистички свет делуваат стимулативно само за оние технологии кои се поврзани со економскиот интерес, со потребите на пазарите. Значи, науката работи за напредокот на профитите, за напредокот на капиталот, а не за напредокот на човекот. Науката и техниката не постојат за да ги задоволат човечките потреби, туку да ги задоволат потребите на капиталот. Ако капиталот најде дека му е во интерес да развие и омасови некоја технологија, тој тоа ќе го направи. Ако, пак, види дека нема можности од комерцијализација во развојот на некоја определена технологија, таа нема да биде развиена, независно колкава е човечката потреба од неа.
Во такви односи, на човекот му останува да комуницира со науката единствено преку пазарот. Капиталот го поставил пазарот помеѓу човекот и неговата наука. Со тоа, науката и технологиите повеќе не се човечки, туку туѓи, дадени одозгора (паднати од небо).
4. Визијата за свет во кој технологијата ги решила проблемите на човекот („Звездени патеки“) ќе остане утопија се до оној момент додека остане состојбата ваква. Тогаш кога науката и технологијата ќе се очовечат, кога ќе престанат да бидат во служба на нешто различно од човечките потреби како што е тоа капиталот, тие нема да му помогнат на човекот суштински да си ги олесни околностите на својот живот. Дури и тогаш кога тие му овозможуват некои работи да ги завршува на полесен начин, човекот во нив не гледа како на помошно средство, како на продолжение на човечкото тело со кое ги врши своите работи, туку како на нешто што е туѓо, страшно, дехуманизирачко, како на сатански предмет паднат од небото. Човекот на таквата „сатанска“ технологија гледа како на подарок од боговите кој во себе има вградена катаклизмичка направа, која порано или подоцна ќе се активира, ќе му се освети и ќе му наплати за се за што му помогнала.
5. Во современиот капиталистички свет се почесто техниката станува инструмент за контрола на човекот. Најочигледен пример за тоа е софтверот кој за да се користи, мора да се апдејтува за што корисникот е должен на редовни циклуси да уплаќа одредени суми. Исто е и со други производи за кои постојат ексклузивни одржувачки сервиси (да речеме во автомобилската индустрија или во индустријата за мобилни компјутери). Преку ова клиентот се задолжува на производителот повремено да му уплаќа суми за одржување на производот. Ова врзување со еден вид двонасочно папочно црево човекот го доживува како одземање на самостојноста; што уште повеќе придонесува за впечатокот дека станува збор за „сатанска“ технологија, која еден ден ќе се сврти против човекот („Матрикс“, „Јас робот“); на која еден ден човекот ќе и стане, ако веќе не се случило тоа, роб.
Posted by
.аНТИ
at
понеделник, ноември 10, 2008
3
comments
Links to this post
Labels: капитализам, општество
09 ноември 2008
Прилог кон стратегијата за развој на студентското движење
Задача на студентската авангарда е бескомпромисно да ги разобличува и да ги заострува односите со силите кои од разни причини дејствуваат на штета на студентите
1. Студентската авангарда мора да го прилагоди своето делување на ресурсите со кои располага. Лошата проценка може да доведе до неуспех и разочарување. Целта е со постоечкиот капацитет да се допре до што поголем број на студенти за да се слушнат нивните проблеми и потреби, како и кај нив да се развие свеста за состојбата во која се наоѓаат.
2. Иницијативата за акциите не треба да доаѓа одозгора, односно, од некакава апстрактна замислена цел, туку одоздола, од нивните вистински потреби и проблеми. За таа цел, студентската авангарда мора да развие тесни врски со студентите, да е срасната со нив, за нејзиното делување да не заврши во догматско теоретизирање за цели кои немаат врска со реалните потреби на студентите. Затоа студентската авангарда има задача да се запознае со сите аспекти на студентскиот живот, почнувајќи од деловите каде што студентите ја доживуваат најголемата беда и најголемите понижувања. При тоа секако мора да се тргне од основните приоритети неопходни за секој живот: храната, станот, облеката, превозот, здравствената заштита, како и оние прашања кои се поврзани со самиот образовен процес.
3. Студентската авангарда мора да биде чувствителна за искрите на бунт кај студентските маси. На секоја информација за незадоволство, таа мора да реагира навремено, да даде поддршка во секоја смисла, а ако се укаже за потребно да ја организира и да ја води борбата за правата на студентите.
Само така студентите ќе ја доживеат како своја вистинска авангарда и само така е можно да се организира масовно студентско движење.
4. Студентската авангарда мора да биде информирана со можностите и начините за решавање на проблемите на студентите. Исто така, во борбата ќе се покаже како клучно, и тоа, студентското движење да може да ги препознае своите вистински пријатели и непријатели.
5. Студентската авангарда за постигнување на своите цели мора да се потпре само на студентите. Слободата е вистинска слобода само ако битието што се ослободува тоа го прави самото и за таа слобода не му е должно на никого надвор од него.
6. Задача на студентската авангарда е бескомпромисно да ги разобличува и да ги заострува односите со силите кои од разни причини дејствуваат на штета на студентите, со што постојано ќе ја подигнува студентската самосвест и верба во сопствените потенцијали.
Posted by
.аНТИ
at
недела, ноември 09, 2008
0
comments
Links to this post
Labels: општество
07 ноември 2008
Хунзологија на духот
Ќе почнеме сериозни реформи за државава да го преземе античкиот модел. Политички, најпрвин ќе ги урнеме зградите на владата и на собранието, а сета власт ќе ја сконцентрираме во кралскиот дворец, кој би можеле да го сместиме на Кале.
Тргнувајќи од фактот дека толку очајно посакуваната Европска Унија не нејќе, па не ни дава датум за преговори и од претпоставката дека уште долго нема да не засака, да се обидеме да разгледаме една од можните опции за иднината.
Не дека нешто посебно ќе добиеме ако не засака, освен можеби дополнителни робовладетели или колонизатори, таканаречени странски инвеститори.
Значи, не треба премногу да не загрижува барањето решенија и алтернативи, зашто можеби веќе го имаме, само не сме успеале да го препознаеме како решение. Тоа ни е тука пред очи, формулирано, заокружено, дефинирано, функционално... само треба да го преземеме.
Значи, ако не не сакаат Европејците и ние нема да ги сакаме нив. Редно е да си ги почитуваме корените, па да си ја реформираме државата според оној модел на држава што најдобро функционирал на ова поднебје, држава која постигнала најголем подем во историјата, не само на Македонија и Балканот, туку и на светот. Станува збор, значи, за Античка Македонија.
Ајде да го смениме името. Не ни треба ни Северна, ни Горна, па дури ни Република - ќе се наречеме едноставно Античка Македонија. Па, нека пукнат!
Антички антикапитализам - Од нашите браќа Хунзите можеме да добиеме лидер, односно владетел од кралска лоза. Ќе почнеме сериозни реформи за државава да го преземе античкиот модел. Политички, најпрвин ќе ги урнеме зградите на владата и на собранието, а сета власт ќе ја сконцентрираме во кралскиот дворец, кој би можеле да го сместиме на Кале. На дворецот ќе дефилираат национални поети, сликари, актери и други уметници, а ќе имаме и државни математичари, филозофи, економисти и секако кралски астролози. Тоа секако ќе ни донесе предност во односот на конкурентските империи затоа што покрај сојузништвото со браќата Хунзи, на наша страна ќе биде и нашето познавање за она што ни кажуваат ѕвездите. На кралскиот астролог може да му се отвори канцеларија на Кокино. Покрај таа интелектуална советничка свита, на дворецот би дефилирале и благородниците, новопечената македонска аристократија, која со античкиот модел би била подобро заштитена од налетите на светската криза на капитализмот.
Што се однесува до капитализмот, ваквата држава би била и наспрема капитализмот, што ќе рече, антикапиталистичка. Со тоа ќе се замолкнат засекогаш и клетите комуњари, зашто нели, државата повеќе не е капиталистичка и Маркс повеќе не е релевантен.
Кога сме кај работничките права, тоа секако би било значаен напредок - модел од кој би требало да учат европските, американските, па дури и привидно робовладетелските азиски економии. Привидно, зашто овде ќе воведеме вистински изворен балкански робовладетелски систем. Онаков, како од времето на Александар.
Човечките правдини - Ама, како воведувањето на робовладетелскиот систем ќе ја подобри состојбата со човечките правдини.
Прво, ќе се намали невработеноста и ќе се подигне духот на човекот. Човек што е невработен пропаѓа. Покрај материјално-финансиското пропаѓање, станува збор и за пропаѓање и опаѓање на духот, снемување на волјата за живот, чувството на празнотија и бесполезност, губењето на смислата и насоките за иднината. Нација која има толку голема невработеност (за што не укори и Европската комисија) е нација без насока, народ без планови за иднината, луѓе со потреба од папочно црево, народ на зависници. Тоа е апатична безволна маса „без кичма", која потрчува на секоја наредба, на секоја заповед реагира како хипнотизирано суштество без сопствено его.
Роботот знае дека не смее да не послуша, ама барем може да мисли спротивно и може да размислува за состојбата во која се наоѓа.
Тоа е една далеку почовечна ситуација, ситуација со многу пооптимистички перспективи.
Второ, ќе се подобри општата здравствена состојба и грижата за луѓето. Робот е инвестиција на неговиот сопственик. Не треба размислување кое оди подалеку од логиката на селски гранапчија за да сфатиш дека газдата ќе стори се да ја заштити својата инвестиција. Според бизнис-логиката во негов интерес е она во што вложил да биде во добра кондиција, да биде здраво и добро да функционира. Тоа подразбира дека сопственикот ќе направи се неговите робови да бидат „исправни", добро да функционираат, да бидат здрави и прави. Заболувањата, сакатењата, грешките се проблеми со инвестицијата и затоа ќе стори се што е потребно за тие да не се случуваат. Тоа значи дека ќе стори се за да се подобри општата здравствена и психофизичка состојба на својот роб. Тоа, ќе се согласите, речиси никогаш не би се случувало доколку наместо односи сопственик -роб, имаме односи работодавец - работник. Да не земаме предвид дека во капитализмот, за разлика од робовладетелството, може да се остане без работа, па човек да остане и без здравствено, пензиско и секакво друго осигурување.
Секако дека античкиот модел на робовладетелско општество нема да дозволи, како што и не дозволувал, непотребно и беспричинско изживување над робовите. Ќе се формира кралска комисија за права на робовите, која ќе ги разгледува сите поплаки за нехуман однос кон робовите, по углед на организациите за заштита на животните. Ако е возможно тоа во капитализмот, во антички организираната држава, со кралска поддршка ќе може уште поуспешно.
Ех!
Posted by
.аНТИ
at
петок, ноември 07, 2008
3
comments
Links to this post
Студентите не се овци
(За што плаќаш?) 6.11.2008 - Затворањето на Студент ФМ е негирање на слободата на изразување на студентите. За да биде трагедијата поголема, Студент ФМ беше единственото место на универзитетот каде студентите од Електро и новинарите можea практично да работат и да си го научат занаетот. Што е следно? Ќе ја укинат сцената на ФДУ? Ќе ги затворат салите на ДИФ? Затворањето на Студент ФМ значи намалување на квалитетот на образованието.Ова го исцитирав само да илустрирам за што пишува блогот кој сакам да го промовирам. „За што плаќаш?“, според коментарот во мојот пост „За студентското организирање“, е блог на група студенти кои се незадоволни од некои работи на факултетите, кои чувествуваат дека некој ги „стриже“.
Иницијатавата, дури и само да се напише ова што е напишано на блогот, докажува дека студентите не се овци, дека кај нив има свест за проблемите. Тоа што таквата свест не доаѓа до израз е поради фактот дека нивните организации не ги претставуваат вистински нив, а самите не се организирани да им опонираат.
Posted by
.аНТИ
at
петок, ноември 07, 2008
3
comments
Links to this post
Labels: општество
06 ноември 2008
За студентското организирање
1. Студентите мора самите да се изборат за своите права. Никој друг тоа за нив не може да го направи - ниту професорите, ниту владата, ниту некаква невладина организација. Доколку тоа за нив го направи некој друг, да речеме ректорските управи на универзитетите, тие за тоа ослободување ќе им должат на управите, факт што ќе доведе до нова зависност и нова бедна состојба. Истото важи и за партиско-политичките калкулации и инструментализации.
Едно битие може да биде вистински слободно само доколку својата слобода и своето постоење си ги должи единствено на самото себеси.
2. Најнапредните меѓу студентите, оние кај кои постои свест за состојбата на нештата имаат обврска:
- да работат на освестување на студентите за тоа во каква бедна состојба се наоѓаат
- да ги артикулираат и дефинираат потребите и проблемите на студентите
- да работат на подигнување на поврзаноста и борбеноста на студентите, врз меѓусебна солидарна основа
- со личен пример да ја преземат најодговорната улога да ја организираат и да ја водат борбата
3. Освестувањето не подразбира просветителска работа од позиција на авторитет, туку артикулација на она што студентите и самите веќе го чувствуваат и го мислат, но кое од разни причини и ограничувања не можат да го изразат во јасно изразена мисла и збор што ќе имаат за цел промена на состојбата.
4. Посебно треба да се нагласи потребата од подигнување на борбеноста на студентите, нешто што системот се обидува перманентно да го пригуши. Лидерите на студентското движење треба и со личен пример да покажат како се прави тоа. Само доколку тоа го постигнат, тие ќе можат да инспирираат и да водат масовно студентско движење - во спротивно, студентите нема да им веруваат и нивната работа ќе се сведе на празна демагогија.
5. Студентската авангарда треба да знае да ги дефинира и да ги лоцира проблемите, да знае да го постави студентското движење во поширок контекст, да воспостави однос со вонстудентските или вонуниверзитетските општествени сили и односи. Студенскиот живот не постои во стаклено ѕвоно, надвор од состојбата на општеството во кое се наоѓа. Студентската авангарда само со свест за пошироките општествени односи може студентското движење да го доведе до успех.
Posted by
.аНТИ
at
четврток, ноември 06, 2008
4
comments
Links to this post
Labels: капитализам, општество
05 ноември 2008
Интелектуалци - разбудете се!
Се уште има голем број интелектуални работници, кои никако не можат да дојдат до свест, дека тие не се ништо друго туку интелектуални работници и дека во денешното општество нивната положба не е никаква друга, туку пролетерска. Се уште има луѓе кои сешто знаат, само не ја знаат својата општествена положба. Јас познавам, на пример, еден уметник, сликар, еден од најизразитите типови на нашиот уметнички пролетеријат. Детство во беда, школување во глад, мизерна стипендија. И тогаш, зашто во нашето општество уметникот не може да живее од својата уметничка работа, влегува во државна служба како наставник по цртање и полни десет години има сто динари месечна плата. За цело тоа време тој нема можности да биде уметник, зашто за уметност нема ни време ни средства, па ни волја, која државната служба му ја убива. Додадете му на тоа уште и семејство од пет деца. И таков еден човек, исушен од страдање и неволји, родител на гладни и необуени деца, сам облеќен во партали, уметник без уметност, тој не знае, тој не чувствува дека е пролетер! Тој не гледа дека е тој попролетерски од сите пролетери, зашто не е неговото пролетерство само во празниот стомак и искинатите лакти, туку токму во неговата бедна, незаштитена општествена положба, како и во тоа што цел живот идеализира за уметност, а цел живот работи нешто сосема друго! - Мирослав КрлежаОва е напишано за условите пред втората светска војна, во кралска Југославија (или СХС). Ама скоро еден век после тоа, може да се забележи дека условите не се смениле ни малку. „Се уште има луѓе кои сешто знаат, само не ја знаат својата општествена положба. Си се запрашал/а ли каква е твојата положба во ова општество? На која класа и припаѓаш?
Без одговорите на овие прашања секој од нас обичните смртници останува несвесен за сопствената беда во која тоне мислејќи дека повремените успеси во животот го спасиле од овој крш од општество наречен капитализам.
Posted by
.аНТИ
at
среда, ноември 05, 2008
0
comments
Links to this post
Labels: капитализам, општество


