25 декември 2008

Новогодишна арабеска

Проблемот што се јави поради грчкото вето е многу посериозен и многу покомплексен. Како резултат на ова во земјава националшовинизмот и омразата на обично мирниот и мирољубив македонски граѓанин достигна невидени размери, кои може да се изедначат само со оние од 2001 година.

Секако дека едно од најчесто поставуваните прашања деновиве ќе биде каква тоа година ни помина? Луѓето ќе си размислуваат што добиле, а што изгубиле годинава. Притоа секако дека најпрвин ќе помислат на тоа што ги засега на личен план, некоја лична среќа или трагедија, некоја поголема добивка или загуба. Оние малку поамбициозните во главата ќе си размислуваат што доби, а што изгуби земјава, Балканот, Европа, светот. Бидејќи приватните работи ги засегаат најчесто само оние што си ги живеат, тие најчесто треба да останат само такви - приватни. Оние за Македонија, Балканот, Европа, светот, се работи кои се однесуваат на сите и за нив сите треба да мислат, да зборуваат, да го кажуваат своето мислење за нив, да ги спротивставуваат ставовите. Тоа доаѓа од одговорноста што ја има секој од нас за средината во која живее, за состојбата со човечките нешта во овој свет.

Македонска арабеска - Да тргнеме по ред. Една од најголемите работи што и се случија на Македонија годинава е грчкото вето за кандидатурата за влез во НАТО. Настан кој во македонската јавност доби карактер на национална трагедија. Да, беше тоа национална трагедија, но не поради фактот што не влеговме во воено-хушкачката алијанса. Проблемот што се јави поради грчкото вето е многу посериозен и многу покомплексен. Како резултат на ова во земјава националшовинизмот и омразата на обично мирниот и мирољубив македонски граѓанин достигна невидени размери, кои може да се изедначат само со оние од 2001 година. Најлошо од се е што актуелниот македонски премиер Никола Груевски на крилата на овој национализам ги руши сите рекорди за популарност.

Во сенката на сите овие проблеми една група македонски граѓани решија да покажат дека не се согласуваат со ваквите појави. Прво, на денот кога се носеше одлуката во Букурешт за македонската кандидатура за влез во НАТО, организираше протестен собир. Малку на број, ама сепак кажаа дека не се согласуваат со наметнатото едноумие дека без НАТО има да не нема. Тие се обидоа да потсетат дека секаде каде што е НАТО е и војната.

Второ, нешто подоцна истата група заедно со група грчки прогресивни интелектуалци и студенти во Скопје организираше антинационалистичка трибина и протестен собир пред парламентот. Целосно ги поддржав овие активности и самиот се приклучив кон нив, како што мислам дека треба да го стори секој добромислечки човек (намерно не пишувам Македонец). Грчките другари зборуваа искрено и кажаа дека се против национализмот на нивната држава, исто како што и ние се спротивставивме на нашиот сопствен национализам. Тие отворено државава ја нарекуваа со уставното име, а таа заложба ја докажаа и во нашата возвратна посета кога во Атина бевме најавени со плакати на кои пишуваше гости од Република Македонија, а тие инсистираа нашите излагања да бидат на македонски јазик.

Светска арабеска - На светската сцена, едно од најкрупните промени беше историскиот избор на Афроамериканец за претседател на најмоќната империјалистичка сила САД.
Едно друго прашање, пак, што се издвои на светска сцена годинава е повторно врзано за Грција. Прво, се случи она што одамна се знае дека ќе се случи - светска економска криза. Марксистите предупредуваат дека повремено капитализмот ќе се руши како кула од карти во моментот кога нема да може да ја продолжи експанзијата - му претстои или империјалистичка војна или пропаст.

Второ, во текот на оваа криза во Грција се случи еден потрес сличен на оној што ги тресеше неколку европски метрополи во изминатиов период. Само овојпат потресот беше многу посилен. Пред да скокнат од столчето некои од моите читатели или да си речат „А бе тоа е само џган и хулигани“ да посочам дека нивниот револт е насочен против насилството на државата, против онаа иста држава која ни го наметна апсурдниот проблем со името. Тие протести се резултат на нереагирањето на државата на другите облици на незадоволство.
И што е уште поважно, тие протести се резултат на истото размислување кое ги доведе прогресивните интелектуалци и студенти летово во Скопје, размислувањето за свет во кој секој ќе се нарекува како сака, во кој ќе нема доминиони и угнетени, во кој ќе нема експлоатирани.

Досега верував дека подобар свет е потребен. Од годинава верувам дека подобар свет е можен.

18 декември 2008

Вечер - револуција на плоштад!

Вечерва во 20.00 часто на плоштадот Македонија ќе се одржи мирен протестен собир на кој ќе го изразиме нашето несогласување со капиталистичките, неолибералните и империјалистичките политики на европските држави, вклучувајќи ја тука и македонската. Сите се добредојдени.

"Нашиот гнев е против политиката што ни ги краде нашите животи, против политиката што ни ја уништува иднината, против политиката која убива млади луѓе. Оваа политика има име. Тоа е неолиберализам. Тоа е причина зошто денес младите луѓе се погодени со неизвесност. Тоа е причината што младите луѓе го губат своето право на бесплатно и јавно образование, нивното право на сериозно осигурување, нивното право на достоинствен живот, нивното право на живот во одржлива животна средина“
- дел од прогласите со кои се повикува на револт низ цела Европа.

Едно од најинтересните прашања што во моментов се надвиснуваат за немирите низ Грција и низ европските метрополи е која е причината за нив? Не треба да се биде наивен и да се верува дека убиството на петнаесетгодишното момче беше настан со потенцијал да покрене толкава маса, да извади на улица илјадници млади луѓе бесни на државата и на системот. Прашањето е многу покомплексно.
Уште поинтересно прашање е како медиумите известуваат за она што се случува и колку од барањата на демонстрантите и организациите што стојат зад нив се слушнаа преку мејнстрим-медиумите. Ова прашање директно ќе го отвори и прашањето колку медиумите во т.н. западен цивилизациски круг се навистина слободни и кој навистина ги контролира.

Бабица на револтот - Ексархија е кварт на Атина во близина на Политехничкиот факултет, дел познат по тоа што низ него се движат претежно студенти. Студентите и прогресивната младина, пак, во Грција се група која е организирана во групи, официјални или не, партии, мрежи на организации со претежно левичарска идеологија: од анархисти, социјалисти, комунисти, марксисти и ленинисти, па до маоисти и сталинисти. Нивните активности се движат од борба за правата на емигрантите, екологија, бесплатно образование, антинационализам до синдикалните барања за скратување на работното време, зголемување на платите и слично.

Имав среќа, во рамките на антинационалистичката иницијатива да одржам едно предавање на Политехничкиот факултет и да учествувам во дебатата. Пријатно бев изненаден од живоста и од понудата на политичките и идеолошките идеи.

Зборував во амфитеатар постар од оние на нашиве државни универзитети, ама добив доказ дека не е ентериерот она што го прави вистинското слободоумно образование добро образование. Во амфитеатарот имаше претставници на повеќе групи, подгрупи, подмладоци, уредници на списанија и слично. Парламент во мало. Пред влезот на амфитеатарот пред секој собир разните групи поставуваат тезги со своите изданија, книги, списанија, памфлети.
И сето тоа е претежно финансирано одоздола, без некакви фондации или државни буџети. Со народни пари, со донации кои се собираат на ваквите настани.

Кога сме кај буџетите, забележливо е тоа што главните медиуми, најмногу грчките, помалку светските, некако ги премолчуваат вистинските причини за нередите и се фокусираат главно на насилствата, нападите на банки и институции и слично. Тоа е логично, затоа што зад мејнстрим-медиумите стои капиталот, банките, бизнисмените, а тие се први на списокот на непријателите на овие демонстрации.

Повик за радикална промена - Немирот не доаѓа од убиството. Тоа што се случи беше само искрата. Некој пред тоа го наполни котелот со динамит и други лесно запаливи состојки. Младите во Грција кај секоја следна генерација со години ја градат свеста дека општеството во кое живеат тие, а и поголем дел од Европа и од Северна и Јужна Америка, им е непријател. Она што ние постарите сме го заборавиле сомелени од запчаниците на индоктринацијата, младите го знаат. Ако ние можеме да правиме компромиси со неправдите, тие тоа го одбиваат. Капитализмот, неолиберализмот и општествата кои функционираат на тие принципи за нив се од корен неправедни и тие бараат да ги снема. И сега, една од најсвесните и најпрогресивните средини во Европа, каква што е оваа во студентските кругови во Грција ја повикува цела Европа да се разбуди од неолибералистичкиот сон.

„Ние ќе демонстрираме на европските патишта за да покажеме дека во нашата борба не се предаваме! Зашто Европа мора да го смени својот правец радикално! За демократска револуција во Европа!“, вели еден од прогласите со кои некои од организациите повикуваат на солидарност од европските другари.

16 декември 2008

Демократска револуција во Европа?

Многумина се прашуваат за што конкретно се протестира. Еве еден од повиците кои деновиве ги упати Младинската организација на една од најмоќните партии на радикалната левица - Синаспизмос. Колку за илустрација!

БАРАМЕ СЕ ДА НИ ВРАТИТЕ!
ДЕМОНСТРИРАМЕ НИЗ ЕВРОПА - СЕ БОРИМЕ ЗА НАШИТЕ ЖИВОТИ!

Убиството на 15-годишниот ученик, Александрос Григоропулос, од страна на двајца полицајци, беше инцидент што предизвика експлозија на нашиот гнев. Нашиот гнев против политиката што ни ги краде нашите животи, против политиката што ни ја уништува иднината, против политиката која убива млади луѓе.

Оваа политика има име. Тоа е неолиберализам. Тоа е причина зошто денес младите луѓе се погодени со неизвесност. Тоа е причината што младите луѓе го губат своето право на бесплатно и јавно образование, нивното право на сериозно осигурување, нивното право на достоинствен живот, нивното право на живот во одржлива животна средина.

Овие неолиберални напади не се појавуваат само во Грција. Од овие политики страдаат младите луѓе низ Европа. Политиките на ЕУ ги промовираат неизвесноста на работните места и животните услови, го развиваат моделот „Тврдина - Европа“ против мигрантите и ја поддржуваат војната во името на „антитерористичките крстоносни војни“

Младите луѓе низ Европа мора да се борат заедно против политиките што ги укинуваат нашите права. Ние мора да се бориме заедно за да си ги преземеме назад нашите животи!

Младината на Синаспизмос повикува на интернационален ден на акција во Четврток на 18 декември!

Ние ќе демонстрираме на европските патишта за да покажеме дека во нашата борба не се предаваме!

Зашто Европа мора да го смени својот правец радикално!
За демократска револуција во Европа!

Младината на Синаспизмос

Покрај тоа, овој настан ќе се случува деновиве (четврток), значи немирите продолжуваат.

12 декември 2008

Неколку приоди кон разбирањето на декемвриската народна побуна во Грција

Одговорност на секој прогресивен ум е да застане на страната на прогресот, да се солидаризира и колку што може да ги поддржи сите прогресивни движења. Оваа одговорност е наднационална и безгранична.

(Имајќи ги предвид скудните информации за грчкото општество кои ги поседувам, оваа анализа треба да се земе условно)


1. "Револуцијата е нужна не само затоа што класата која владее не може да се собори на кој и да било друг начин, туку и затоа што класата која соборува само во револуција може да дојде до тоа да ја симне од себеси старата извалканост и да се оспособи за создавање на нови основи на општеството" - Маркс

2. Како да се пристапи кон сфаќањето на немирите што ја зафатија Грција? Како да се нарече серијата настани и инциденти: немири, протести, бунт, востание, револуција?

Прво, за да се одговорат овие прашања, мора да ни биде јасно кој е носител на бунтот и кој е непријател на тој бунт. Мора да ни биде јасно кој стои на двете страни на барикадите. Она што е недвосмислено е дека на едната страна стои полицијата, како најрепресивен претставник на државниот апарат. Државата, пак, преку своите инструменти се поставува меѓу владејачката класа, буржоазијата, и останатите членови на општеството кои сакаат да си ја повратат изгубената слобода.
Она што на многумина во моменов им е нејасно е тоа кој стои на другата страна. Одговорот е јасен: тоа се оние кои државата ја чувствуваат како туѓа, непријателска, сила, како нешто надвор од нив самите, како заштитник на класата која ја предизвикува нивната беда. Тоа е прогресивната младина. Тоа е пролетеријатот.

Второ, предвид мора да се има дека серијата протести, штрајкови, судири со полицијата, не беа спонтани. Зад голем дел од нив стоеја организации или мрежи од организации кои подолго време работат на подигање на борбеноста и заострување на конфликтот помеѓу класите, односно помеѓу пролетеријатот и прогресивната младина, од една, и државните институции од друга страна.

Трето, до овој момент нема единствена организација или координативен орган кој би го презел водството на масите и кој би ги повел во осмислена радикална промена на општествените односи, почнувајќи од рушењето на институциите како инструменти и симболи на стариот систем. Се додека не се појави едно такво тело што би можело да ги истакне и формулира клучните барања на масите немирите не може да се сметаат за револуција.

3. Многумина ги плаши можноста од ескалација на насилствата. Стравот е оправдан, но одговорноста за тоа лежи во рацете на државата, затоа што државата ги има најнасилните средства и најобучените луѓе што го користат насилството како метод за решавање на кризите. Впрочем, единствената жртва што падна досега, падна од рацете на полицијата. Од другата страна имаме луѓе кои се голораки и релативно необучени да употребуваат насилни методи.

4. Во недостаток подлабоки информации за балансот на силите и политичките позиции во моментов е невозможно да се прогнозира конечниот исход.

5. Она што е сигурно е дека по декември, ништо повеќе нема да биде исто за грчкото општество. На површина испливаа повеќе работи.

Прво, очигледно е дека буржоазијата не успеала да изгради доволно моќни механизми кои ќе го канализираат народното незадоволство. Според некои анализи грчкото општество се уште не доживеало позначајна промена по диктатурата на Метаксас. Овој народен бунт може да биде катарзичниот момент на прочиствуање.

Второ, пролетерската авангарда и прогресивните сили успеале да го наметнат категоричкиот императив: „да се срушат сите односи во кои човекот е понижено, угнетено, напуштено, презрено битие“ пред се меѓу студентската младина и пролетеријатот, што државата, онаква каква што беше досега е веќе неодржив концепт.

6. Она на што во моментов треба да се обрне внимание е улогата што македонскиот пролетеријат би можело и би требало да ја одигра во моментов.

Прво, одговорност на секој прогресивен ум е да застане на страната на прогресот, да се солидаризира и колку што може да ги поддржи сите прогресивни движења. Оваа одговорност е наднационална и безгранична. Тоа значи дека пролетерот или прогресивниот човек во Македонија има одговорност за состојбата во Грција и обратно. Солидарноста е клучниот метод на дејствување во таа насока.

Второ, таа солидарност може да се реализира на повеќе начини - од симболични: преку пишување писма на поддршка и организирање собири на солидарноста, до активно учество: на пример, блокирање на секаква поддршка од македонска страна на владата во Атина, или, пак, во едно радикално сценарио, доколку дојде до странска интервенција, недозволување на странски трупи да поминат преку македонска територија со блокирање на магистралите и граничните премини.

Во секој случај, пролетеријатот и прогресивната младина во Македонија траба да бидат свесни за својата улога и своето место во настаните, независно од степенот на организираност.