Во таа војна на концепти, во која и нема баш многу концепти, најверојатно ќе победи апсурдот, зашто тоа е една долгогодишна традиција што упорно ја негуваме - ги сакаме оние што нe мразат, им ја даваме довербата на тие што крадат од нас, ги величаме оние што нe понижуваат.
Она што во наредните месеци ќе ја преокупира јавноста секако дека ќе бидат изборите. Насекаде во медиумите главни фаци ќе бидат претседателските кандидати, споредни, оние што се токмат на градоначалничките фотелји. Тоа ќе биде епска битка со здравиот разум. Ќе почне со окупацијата на сe што може да влезе во вашето видно поле: билборди, ѕидови, весници, ТВ-екрани, маички, пенкала, запалки. Во таа војна на концепти, во која и нема баш многу концепти, најверојатно ќе победи апсурдот, зашто тоа е една долгогодишна традиција што упорно ја негуваме - ги сакаме оние што нe мразат, им ја даваме довербата на тие што крадат од нас, ги величаме оние што нe понижуваат.
Како да се заштити човек во тој хаос? Како да го зачува својот простор од наездата која на секој начин ќе се обиде да допре што подлабоко во него? Како да избира?
Пред некој ден група професори и правници поддржаа еден од претседателските кандидати и притоа опширно ни наметнуваа каков тоа треба да биде идниот претседател на Македонија. Секако, во својата анализа тргнуваа од тоа каков е кандидатот што го протежираат. Според логиката, кога се опишува идеалната личност за претседател би требало да се тргне од тоа на кои задачи тој ќе треба да одговори, па според тоа, да се индексираат неговите особини. Во случајов, се испревртува тоа, па се тргнува од особините на кандидатот, за да се препорача какви тоа особини треба да има идниот шеф на државата. Уште еден апсурд и уште една манипулација со перцепцијата.
Еве што правам јас за да се заштитам и што им препорачувам на оние на кои нешто им значи мојата препорака.
Штом на телевизија ќе почне блокот предизборни реклами - смени го каналот и гледај некоја друга телевизија во наредните 30 до 60 минути. Некој на ова ќе одговори со прашањето: „А како, младичу, ти тоа си замислуваш обичниот човек да се информира за тоа кој се кандидира, ако не гледаш што имаат да кажат?“ Ќе одговорам, ама прво, да појасниме нешто: целта на рекламите не е да информираат, туку да манипулираат. Оној што сака да даде некоја информација пишува соопштение, држи прес- конференција, пишува писмо до некоја редакција или слично. Оној што фрла огромни пари на рекламни спотови има многу поопасна намера - да допре до твоите чувства и да направи манипулација со нив. Тој сака да те заведе, да те натера да заокружиш со срцето. Оној што носи одлуки со срцето многу често завршува трагично. Впрочем, трагедијата во која се наоѓаме е доказ за тоа.
Па, како да се информираме за кандидатите? Чудото наречено интернет, меѓу другото, ја има особината да помни сe што некој некогаш рекол и направил, а било објавено на некој медиум. Само впиши го името на кандидатот на Гугл и прочитај што е кажано за него, како и што тој самиот кажал. Притоа, те молам, внимавај на тоа колку е релевантен изворот, обично голем дел од блоговите не се многу за верување, доколку не си сигурен/сигурна дека станува за некој кому навистина можеш да му веруваш.
Така ќе можеш да видиш што навистина мисли и кажува кандидатот во моментите кога нема намера да направи манипулација со тебе. Тогаш можеби ќе го видиш во вистинско светло.
Искрено, не познавам некој на кого му се јавиле да го анкетираат за рејтингот на политичарите, а постојано гледам резултати на некои анкети за рејтинзи. Можеби, така мене ми се чини, ама кога зборувам на темава имам чувство како да зборувам за оние кои виделе НЛО. Но, ајде да не бидеме толку скептични, да поверуваме дека анкетите навистина се прават и дека до некаде ги одразуваат точните бројки. Дали да им верувам? Не. Зашто оној што ги соопштува тоа го прави со некаква намера. Често се случува партијата да објави дел од некоја анкета, а да заборави на еден друг и со тоа сосема да ја смени информацијата. Примерот е ист, со оној од приказната за трката на американскиот и рускиот претседател. По завршувањето, американските медиуми соопштиле дека нивниот претседател бил прв, а рускиот последен. Руските, пак, дека нивниот претседател бил втор, а американскиот претпоследен. И во двата случаи зборуваме само за делумна информација, која без фактот дека во трката учествувале само двајца претседатели, е рамна на дезинформација.
ПР агентите, маркетинг-стратезите, спиндокторите и другите мајстори на манипулацијата овие финти ги имаат развиено до степен на наука - која, секако, се изучува најмногу во таканаречените најразвиени демократии.
И уште нешто, ако ништи друго не успева. Никогаш не ја заборавај волшебната моќ на реченицата „Нема да гласам!“. Ослободувачкото дејство на овие неколку зборови доаѓа од фактот што со нив престанува обврската да ги сослушаат нивите таканаречени аргументи зошто треба да им ја дадеш довербата. Немој да подлегнуваш ако ти речат дека негласањето е непатриотски чин. Како тоа? Нема ништо попатриотско отколку да им кажеш дека не веруваш во нивното лидерство на земјата и ако поради тоа не гласаш.
18 февруари 2009
Нема да гласам!
Posted by
.аНТИ
at
среда, февруари 18, 2009
Subscribe to:
Post Comments (Atom)



3 comments:
Подобро направи неважечко ливче отколку да не гласаш...
Немој да подлегнуваш ако ти речат дека негласањето е непатриотски чин. Како тоа? Нема ништо попатриотско отколку да им кажеш дека не веруваш во нивното лидерство на земјата и ако поради тоа не гласаш.
Точно, ама тогаш во кого веруваш? ;)
И спомнуваш патриотско, што тоа значи? Љубов према татковината? Према луѓето во неа или према правливата земја? Ако е према луѓето, каков патриотизам е тоа ако не ги сакаш (согласуваш со) тие цирка 60 проценти кои ќе гласаат? минималистички патриотизам? 1%-тен? :)
No malice intended. Само сакам идеи за прашања на кои и јас не го знам одговорот. :)
Нема ништо попатриотско отколку да им кажеш дека не веруваш во нивното лидерство на земјата и ако поради тоа не гласаш.
Можеби е патриотски, но не е демократски. Ко што некој погоре рече, ако сакаш да поентираш дека не веруваш во нивното лидерство, не значи дека треба да покажеш дека не веруваш во демократските институции - едно од нив е правото на глас. Подобро иди допиши го мики маус, отколку да не гласаш.
Post a Comment