18 февруари 2009

Јас сум Македонија, јас сум точка и цела вселена...

Ако сакаме Македонија да ја издрогираме со сините таблети, тоа се прави едноставно - секој од нас како поединец („Ти си Македонија“), треба да голтне по едно сино апче. А за време на избориве ќе има сини апчиња на тони.

Не се согласувам со многу од концептите на овие што владеат со државата, со нивните пристапи и начини на решавање на проблемите. Сепак, има една поента со која сосема ќе се согласам - Ти си Македонија!
Да, во суштина секој од нас е Македонија, односно Македонија е онаква каква што сме ние. Во оваа порака јас читам потсетување дека секој од нас поединечно е дел што ја содржи есенцијата на целината, дека она што ја прави Македонија онаква каква што е - тоа е нашето исполнување на одговорноста кон средината во која живееме, кон светот во кој живееме.

Ако некој забележал, во суштина владината кампања „Ти си Македонија“ не ја праќа оваа порака, туку пораката дека треба да сме едно, дека треба да не го разбиваме единството на целината, дека единката е ништо, а целината е сe.
Првото сфаќање на оваа порака е дека човекот вреди и дека со својата вредност и додава на целината, додека во вториот случај, човекот е безначаен дел од целината, дека единката е ништо - целината е сe.

Матрикс

Потсетувајќи се на филмот „Матрикс“, неизбежно аналогијата ќе нe одведе до прашањето: да се земе ли црвената или сината таблета? Ако ја проголтам сината таблета, ништо нема да се случи. Сe ќе си остане такво какво што е, јас ќе останам во матриксот, дел од целината. Но, ако се одлучам за црвеното сe ќе се смени - повеќе нема да можам за сите проблеми да барам спас во колективното, во митовите, нема да се опивам со ескапизмот на еуфоријата, да се трујам со она што нема врска со конкретната реалност.

Прашањето е истото со она прашање: да се верува во бог или не? Да се земе сината или црвената пилула? Едното ќе те убеди да веруваш во вистина која ти е пријатна и со која ќе се чувствуваш подобро. Другото ќе ти покаже дека живееш во реалност која е страшна, ужасна, неприфатлива. И двете може да ти изгледаат подеднакво реални, во зависност од тоа како ќе ја сетираш и насочиш сопствената перцепција.

Чинот на земање на апчињата е во суштина избор на начинот на перцепција - она што во Библијата се вели „кој има уши нека послуша“. Ако решиш од перцепцијата да исклучиш дел од реалноста, односно да ја протолкуваш на догматски начин; и ако, дополнително, во таа перцепција вклучиш нешта кои не се случиле, односно кои поради тоа што сакаш да се вистинити ги сметаш за вистинити - тогаш си го зел синото апче.

Црвеното апче, пак, значи да одбереш во перцепцијата да вклучиш и такви појави кои не му одат во прилог на она што ти одговара. Тоа значи дека ќе се изложиш и на болка и на страдање, ќе се изложиш на суровоста на реалноста.

Засладени прашоци

Ако сакаме Македонија да ја издрогираме со сините таблети, тоа се прави едноставно - секој од нас како поединец („Ти си Македонија“), треба да голтне по едно сино апче. А за време на избориве ќе има сини апчиња на тони. Ќе ни се сервираат на тацни со чаша вода, ќе ни се пакуваат во лепчиња да ги голтнеме без да им го почувствуваме вкусот, ќе ни даваат шумливи таблети за растворени полесно да ги голтнеме, ќе ни даваат засладени таблети за лижење, таблети во прав како додаток на чај или други напитоци... Дури и во моментов додека го читате ова фабриките работат на пакување на нивните таблети - сепак, одлуката останува на секој од нас. Црвеното или синото.

1 comments:

Хесапов said...

Анти, няма ли други "хапчета"?


био контакт