Системот не е лош само затоа што лошо ги третира оние кои се на пониските гранки на хиерархијата, туку и затоа што од своите послушници бара да го прават тоа, од своите луѓе прави лоши луѓе.
За среќа, не сум имал можност од прва рака да се запознаам со непишаните правила што владеат во секој затвор. Сепак, повторно за среќа, на различни места, по разни книги или документарци, сум се запознавал со психологијата на луѓето што живеат во една таква изолирана средина. Без разлика дали станува збор за тешки криминалци или, пак, за невино осудени луѓе, во ситуација кога создава заедница под принуда и со сила и кога на припадниците на таа средина им се даваат малку ресурси за задоволување на основните животни потреби во такви средини главното правило е дека си или предатор или жртва. Трето нема.
Напредок и назадување
Деновиве имав можност од прва рака да се запознаам со некои од правилата на реалноста во која живееме. Некој ќе рече дека ете, таков е капитализмот, во него е важно да се биде поспособен од другите за да се биде успешен, но нема притоа да го разгледа прашањето кои способности се бараат за да се биде успешен.
Прво, капитализмот одамна ја има надминато својата прогресивна фаза, кога, за разлика од феудализмот кога аристократијата владеела и била богата дури и кога била неспособна, овозможил на растечката класа на трговци, занаетчии и, новата класа, индустријалци да станат еднакви во владеењето исто како што имале еднаков удел во користењето на богатството што го произведувале сите. Буржоаската револуција дошла сосема природно. Тоа било ослободување од неприродните стеги на аристократијата и благородничката и монархистичка логика што резултирало со општ напредок, како на општеството, така и на индивидуите кои сега можеле да напредуваат без разлика дали се од благородничко потекло или не.
Во моментов, пак, капитализмот е во фаза кога предизвикува назадување, па дури и целокупен застој на општеството и уште повеќе на поединците. Економските кризи кои повремено се појавуваат се последица на контрадикторностите во овие односи и најдобар показател дека нешто не е в ред. Војните за влијание, пазари и суровини се еден од потешките прекршоци кои ги предизвикува ваквиот систем.
Што се однесува на поединците, тука ситуацијата е очајна. Контрадикторностите на системот се гледаат, не е потребно да се дебатира со апстрактни поими. Полиците на супермаркетите се полни, од другата страна на стаклото има луѓе кои се гладни. Полиците на бутиците се полни, од другата страна на стаклото луѓето едвај можат пристојно да се облечат. Полиците на аптеките се полни, луѓето едвај можат да се лечат со благодатите на модерната медицина.
Вечно ловиште
Второ, натпреварувачкиот карактер до крајни граници ја изострува суровоста на луѓето. Таа станува неопходна способност за да се биде успешен. Луѓето што не се способни да заборават на солидарноста и сочувството со ближните се сметаат за слаби и не ја заслужуваат привилегијата да напредуваат во хиерархијата на системот. Системот не е лош само затоа што лошо ги третира оние кои се на пониските гранки на хиерархијата, туку и затоа што од своите послушници бара да го прават тоа, од своите луѓе прави лоши луѓе. Капиталот не ги заробува само работниците, туку и самите капиталисти, затоа што поинаку би престанале да бидат капиталисти.
Во еден таков систем општеството станува мегдан за предатори и жртви. Нема место за оние што одбиваат да земат улога, со тоа сами се осудуваат да станат жртва. Заробени сме на едно џиновско ловиште, еден маѓепсан круг во кој сите играме по правилата на капиталот.
Денес најголем дел од луѓето во светот живеат во некаков вид на капитализам што го прави светот едно (вечно) ловиште, едно боиште на економски интереси во кое посилните ги прави полоши отколку што навистина се. Се наметнува едно затворско правило на предатори и жртви што планетава ја прават еден џиновски ротирачки затвор.
19 февруари 2009
Ротирачки затвор
Posted by
.аНТИ
at
четврток, февруари 19, 2009
Labels: капитализам, колумна, општество
Subscribe to:
Post Comments (Atom)



0 comments:
Post a Comment