Мисија

Слободата почнува во срцето!

Човекот е онаков каква што е неговата средина, a неговата средина е онаква каква што тој ќе ја создаде. Човекот е онаков каков што тој самиот себеси ќе се создаде.

Сите векови на пишаната историја се историја на борба за слободата. Сепак, поважно од тоа е дека сета пишана историја е исполнета со борба за убавината, зашто слободата и убавината се синоними.

Праведноста, слободата, напредокот, сите тие благородни идеи не се само предуслов за убавина: уште повеќе, тие се резултат на убавината.

Некаде длабоко во визбите на општеството; во најтемните катчиња каде што луѓето се чувствуваат доволно слободни да зборуваат за своите тајни; таму каде што никој нема да види ако направат грда гримаса – таму се создава естетиката. Она што го правиме во тајност, се одразува на нашето лице во јавноста. Зашто, естетиката е само продолжение на етиката.

Кога веќе зборуваме за човечност, за светлите идеали на борците за слобода и правда, зошто да не отидеме чекор понатаму и да ја прогласиме оваа борба за стремеж кон естетиката? Да напишеме со јасни букви на знамето „Борба за убавина“.

Целата идеја на .аНТИблог, уште од самиот почеток, се потпира на идејата дека подобар свет е потребен; дека подобар свет е можен. Но, не само што тој подобар свет ќе биде поубав, туку тој подобар свет и почнува со убавина. Слободата почнува во срцето.

Таа треба да се одгледува и култивира, да се храни и заштитува. Но, најважно од сѐ – треба да се верува во убавината.

No comments:

Post a Comment