Антиквизацијата, исто како и сe понагласената религиозност, а во истиот кош е и криминализацијата и корупцијата, се различните еманации, односно, симптоми, поинаквите лица на една друга појава. А таа е од економска природа.
Една од клучните теми на кои почнаа да се кршат копјата во оваа кампања е таканаречената антиквизација на Македонија, што наводно ја предизвикал Никола Груевски. Сe си мислам дека нашиот многу сакан премиер и неговата дружина ниту го развиваат, ниту го планираат овој феномен. Тие, како и големо мнозинство етнички Македонци во државава се само консументи на антиквизацијата, тие јаваат на Букефал против аждајата од југот во света војна за името. Како и би можело да биде поинаку кога си имаме работа со еден популист. Штом некој феномен стане масовен, или барем има потенцијал да стане таков, популистот во него гледа шанса за себе.
Она на што сакам да обрнам внимание е дека антиквизацијата, исто како и сe понагласената религиозност, а во истиот кош е и криминализацијата и корупцијата, се различните еманации, односно, симптоми, поинаквите лица на една друга појава. А таа е од економска природа.
Прогресивен капитализам - Ако за нешто може да се пофали капитализмот, тоа е неговото безмилосно уривање на средновековните вредности и ослободувањето на човекот од ирационалните догми на религијата, окултизмот и митологијата. Со развојот на индустриското производство се развиваат и капиталистичките вредности во кои главен фактор на напредокот е масовното производство на стоки. Тие стоки вредат само ако се продадат, а имајќи предвид дека станува збор за масовно производство на исти стоки, купувачите мора да бидат со релативно изедначени навики и потреби. Значи, големите количества исти производи придонеле да се укинат ирационалните разлики меѓу различни средини и култури - материјалното го укинало ирационалното.
Но, тоа е само еден дел од придонесот на капитализмот во рушењето на ирационалните догми. Самата индустријализација и потребата за постојан развој претпоставува потреба од постојано вложување во развој на нови технологии и научни достигнувања. Во светот на безмилосната конкуренција на пазарната економија нема простор за оние кои не се усовршуваат и не прават поквалитетни и поевтини производи. А за тоа се потребни нови технологии и постојани научни откритија. Технолошко-научниот напредок е неопходен за успех. Таквите процеси водат кон наметнувањето на науката како услов за напредок, а религијата и митологијата, како фактори кои може да значат назадување.
Манипулативна економија - Пишувајќи една анализа за нашава килава транзиција дојдов до еден интересен податок дека македонското стопанство е претежно ориентирано кон непроизводствени дејности. Главните профити македонските фирми ги направиле во фармацијата, телекомуникациите, продажбата на лекови, медиумите и во тргувањето на македонската берза. Значи, клучни биле трговските вештини и вештините на манипулацијата. А за произведување ветер и магла науката и нејзините вредности може само да наштетат. Зарем некој сака луѓе што се сомничави кон сe, што за сe сакаат доказ, луѓе кои се обидуваат да проверат сe што ќе се каже. Тоа може да биде штетно за трговско-манипулантската логика. Нејзе & требаат верници, поклоници на големите митови, & требаат вљубеници во ирационални слики за овој свет и за други светови. Тогаш продажбата цвета, манипулациите поминуваат лесно и никој не се сомнева во нив.
Митологика - И каде е сега тука антиквизацијата? Имајќи предвид дека на македонската економија, како неиндустриска, односно ориентирана кон трговија, не & се потребни науката и нејзините вредности. Митологијата (антиквизацијата) е традиционалистичка дисциплина, догматска, ориентирана кон минатото и традицијата. Наспрема неа, науката (па ако сакате и археологијата) е динамична, недогматска, антитрадиционална, дијалектичка.
Според тоа, претпоставките на антиквизацијата не извираат од некаква стратегија на сегашнава владејачка камарила (иако одлично се вклопува во некои нивни стратегии), туку од начинот на кој функционира македонското општество, од начинот на кој ги снабдува своите членови со продуктите кои им се потребни за да живеат.