13 November 2008

Што може да значи зголемениот интерес за делата на Маркс?

 Прилог кон дебатата за влијанието на кризата на капитализмот врз зголемениот интерес за марксизмот

1. „… под влијанието на кризата на капитализмот (крајот на шеесетите години на XX век - заб. И.А.) која започнува, настануваат бурни промени во марксистичката мисла на Западна Европа. Настанува ситуација, за која Маркс би рекол дека не само што се стреми мислата кон остварување, туку и самата стварност се стреми кон мислата - историската практика и се наметнува на теоријата, односно ја репродуцира теоријата. Во таа нова историска ситуација се засилува класнореволуционерната ориентација на марксизмот, а бидува потисната позитивистичката и апстрактно-хуманистичката ориентација. Наместо едностраната и неисториска антрополошка тематика која веќе се исцрпувала во јаловите расправи за отуѓувањето, слободата, човекот како човек, во прв план на марксистичките расправи доаѓаат прашањето на работничката класа и нејзините револуционерни борби, на производните сили, на содржината и на целите на социјалистичката револуција, на економската криза, на класниот карактер на науката, на културата, на образованието, на односот на теоријата и на практиката и слично.

Покрај тоа тие расправии одново го афирмираат единството на марксистичката теорија. Филозофијата повеќе не се јавува одвоена од другите делови на марксизмот, таа е присутна во анализата на економијата, на производните сили, на класната борба. Класната борба се разгледува заедно со своето политекономско втемелување, а се пробива и мислата за теоријата за револуцијата изведена од филозофски заснованата критика на политичката економија со посредство на учењето за класната борба.“ (Извадок од текстот „Марксизам - теорија на пролетерската револуција“ на Милош Николиќ објавен во 1977 година)

2. Со кризата на капитализмот и со нејзиното натежнување на грбот на работничката класа повторно се зголемува интересот за марскистичката теорија. Сепак, интересно е од каква природа е тој интерес, значи кои му се мотивите, и што може да најде во марксизмот, а што во другите науки на може да го најде?

Прво, според некои теоретичари и марксисти, по втората светска војна марксизмот на Запад почнува да ја губи целината на учењето и се разбива на неговите составни делови: филозофската основа, историскиот материјализам, критиката на политичката-економија, учењето за класната борба и теоријата на социјалната револуција. Како такви, тие засебно не се марксизам, односно, ја губат главната цел на целокупното марксово дело, а тоа е револуционерната измена на светот. Тргнувајќи од фактот што во моментов не постојат релевантни сили на Западот кои повикуваат или работат на револуционерна измена на светот, може да се заклучи дека мотивите за зголемениот интерес за марксизмот не се од револуционерна природа. Се поставува прашање, дали воопшто станува збор за зголемен интерес за марксизмот, или само за одредени негови сегменти, што, со самото исклучување на револуционерните мотиви, се бенигни за капитализмот.

Второ, тогаш, се поставува прашањето какви се тие мотиви? Ако воопшто тие мотиви имаат врска со практиката, тогаш таа се состои во тоа да се осознаат слабостите на капитализмот и да се поправат. Значи, станува збор за реакционерни мотиви, интерес кој има за цел да го одржи капитализмот во живот. Изменет, но сепак капитализам. Тоа се цели кои се во директна спротивност на самата суштина на марксизмот, а кои одат во прилог на граѓанското сфаќање на неговите делови - што е во суштина сосема безопасно за капитализмот, и бесполезно за работничката класа.

3. Вистинскиот интерес за марксизмот, односно, за науката за револуционерната промена на светот, ќе се развие тогаш кога последиците од кризата на капитализмот ќе се почувствуваат на грбот на пролетеријатот во нивната полна сила. Со тоа ќе се исполни условот тој интерес да има своја втемеленост во материјалното живеење, а не само во теоријата.

4. Капиталистичките општества во периодот на Студената војна развија механизми на амортизација на незадоволството и затапување на класната борба, најчесто со несуштински козметички реформи, при тоа користејќи ја обилно и поддршката на реформските струи во работничките партии и во синдикалните организации. Краен израз на таквите квазиослободителни тенденции се државите на таканаречениот капитализам со човечко лице најсилно изразени во Скандинавските земји, а кои во суштина се сепак само капитализм.
Дел од таквите механизми директно ги презедоа и државите на таканаречениот поранешниот социјалистички блок.

Тоа затапување на класната борба ќе се одвива на две нивоа.

Прво, капиталистичките општества ќе преземат мерки со кои ќе заштитат дел од работничката класа од последиците на кризата, но за возврат многукратно ќе им ги намалат нивните права. Кризата ќе резултира со затворање на многу компании и зголемување на невработеноста, што ќе води до кастрење на работничките права. Со таквите козметички мерки, капиталистичките држави ќе се обидат да го намалат револуционерниот потенцијал на мнозинството.

Второ, на теоретско ниво, ќе продолжи да се форсира граѓанското сфаќање на марксизмот, како комплекс од науки во повеќе сегменти, при тоа, намерно изоставајќи ја целината која подразбира револуционерна промена на светот,односно, укинување на капитализмот.

09 April 2008

Свирчето на новинарот

Што би се случило ако и полицајците, како и новинарите, си речат, чекај и ја сум граѓанин и имам чувства, ќе ја оставам за малку работата, па ќе и се придружам на толпата?

Секој што барем малку, дури и лаички, го познава фудбалот знае дека добар судија е оној што на теренот е незабележлив. Добриот судија не треба да ја прекинува играта прекумерно и без причина, не треба да го расипува надигрувањето, а за конечниот исход на натпреварот, наместо играта на тимовите, да решат неговите одлуки. Во ниеден случај тој не смее да стане еден од оние што ќе повлијаат на настаните на теренот, не смее да биде играч.

Публиката на стадионите не доаѓа за да го гледа него, туку играта. Тој не е настан, настан е фудбалската игра.

Наспрема тоа, лошиот судија станува фактор, го контролира резултатот, често донесува драстични одлуки, се конфронтира и ги иритира фудбалерите и наместо да овозможи играта да стане поубава, тој ја прави валкана.

Овој пример го дадов за да илустрирам како отприлика изгледа улогата на новинарите во текот на општествените движења. Изненадувачки е колку сличности има во ситуацијата во која се наоѓа новинарот и онаа на фудбалскиот судија.

Укорот на ЗНМ Се случи група македонски новинари да ја напуштат прес-конференцијата на првиот човек на НАТО, Јап де Хоп Шефер во Букурешт. Верувајте ми, човекот ми е антипатичен, организацијата на чие чело стои ми е одвратна, ама мојата прва реакција кога слушнав за тоа беше осуда.

Деновиве неколкумина од тие новинари јавно кажаа дека откако се случил настанот тие станале ѕвезди, дека нивните странски колеги потрчале да им земат изјави или да им направат интервју. Одеднаш, новинарите се најдоа од другата страна на камерите. Наместо медиуми, станаа предмет на медиумска обработка - и со тоа, секако, престанаа да бидат новинари.

Кога судијата престанува да суди добро и кога ја губи неутралната позиција, тој станува играч на една од страните, а не арбитар. Џабе му е поинаквиот дрес и свирчето (кога сме кај свирчињата).

Го поддржувам укорот што им го дадоа од Советот на честа на Здружението на новинарите и сосема се согласувам со оцената дека постапката во Букурешт не била во согласност со професионалните стандарди. Според новинарското здружение „ваквите постапки се соодветни за ситуации кога новинарите на каков било начин се попречени да ја извршуваат својата професионална задача, што не било случај со пресот на генералниот секретар на НАТО".

И полицајците се граѓани Но, да се обидеме да го заборавиме овој настан, сепак, ќе нe дочекаат уште десетици или стотици други. Новинарите, македонски или странски, се премногу често оптоварени со остварување некаква просветителска мисија. Нивната работа не е да учествуваат во настаните од кои известуваат или да се солидаризираат со некоја од страните. Медиумите може да им дадат глас на тие што немаат глас, ама не и да ја водат нивната битка. Битката на новинарите е да информираат, да прават слика за светот која најдобро ја одразува реалноста таква каква што е. Колку што можат подобро. Сe друго е злоупотреба на нивната позиција.

Образложението дека и новинарите се луѓе е апсолутно несоодветен аргумент. И полицајците пред грчката амбасада се луѓе, но што треба да направат? Наместо да ја бранат амбасадата од хулигани, треба ли да ги свртат пушките кон амбасадата и да пукаат кон прозорците на канцелариите на грчките дипломати? И полицајците се луѓе. Сигурен сум дека и тие се изреволтирани од апсурдното барање на Грците. Што би се случило ако и тие, како и новинарите, си речат, чекај и ја сум граѓанин и имам чувства, ќе ја оставам за малку работата, па ќе и се придружам на толпата?

Да, и новинарите се граѓани. И тие имаат право да изразуваат политички ставови и јавно да кажат што мислат. Неутралноста е невозможна. Дури и теоретски, не е можно медиумите да бидат независни и објективни. Она што ни останува е да се држиме до правилата на професионалноста и балансираното известување. Нема секогаш да успееме, однапред треба да знаеме, ама секое прекршување треба да се смета за прекршок, а не за успех и херојство.