15 March 2012

Интернет е убиец

Дали Твитер и Фејсбук ќе го убијат блогирањето, и дали интернет ќе ги убие весниците и телевизијата? Можеби.

ФЕЈСБУК Д'КИЛЕР Твитер не е сериозна конкуренција на блогирањето, тој е само дополнување. Вистинска конкуренција е Фејсбук. Зошто?
  • Се што можеш да кажеш на блог можеш да го кажеш и на Фејсбук, и тоа да го прочитаат многу повеќе луѓе
  • Класичната блог-пост формула цитат+линк+коментар совршено функционира на Фејсбук - ставаш линк, автоматски се појавува цитатот, а системот ти нуди место и да прокоментираш на линкот
  • Системот на коментирање на Фејсбук е копи-пејст од оној на блоговите. Твитер функционира поинаку

Профилите/тајмлајните на Фејсбук се повеќе ми наликуваат на блогови, со таа разлика што блогирањето е сега направено многу поедноставно. Со тајмлајнот и банерот сега оваа сличност е уште поголема. Мене ми пречи единствено што авторот нема баш увид во тоа кој се го чита и колку кликови има.

ИНТЕРНЕТ Д'КИЛЕР Твитер, како нова форма, поинаква од блогирањето не може да ги убие блоговите, но Фејсбук може. Историјата на медиумите покажала дека појавувањето на нова форма/медиум не може да ги згасне старите. Појавата на радиото не ги згаснала весниците, појавата на телевизијата не го згаснало радиото, но појавата на интернет може да ги згасне сите овие претходни. Зошто? Затоа што е истата форма. Исто како што Фејсбук е ист како блоговите, така и интернет е ист како печатот, радиото и телевизијата истовремено. На Фејсбук можеш да блогираш, исто како што на интернет можеш да читаш весници, да слушаш радио и да гледаш телевизија.

17 February 2012

Човек

никогаш од човекот нема да извлечете такво признание што ќе го обвини за животот зашто тој е создаден мал наспрема бескрајната огромност на универзумот тој ја гледа светлата линија на разумот која се издолжува низ епохите но одрекува било каква поврзаност со своето его ако го распнете тој ќе ви го раскаже животот до детали но од тоа нема да извлечете обвинение зашто тој е суштество создадено за слобода

некаков таен сојуз е склучен и човекот знае за него но останува во својата лулка зашто во неа ги сознава времињата минати и времињата идни тој со згрчениот бицепс на спознанието расклопувачот на галаксии оној што тивко ги црта траекториите на планетите по кожата на својот ближен неспокојно лежи во својата лулка и чека магнетните полиња да натежнат на срцевата орбита

ништо од човекот не е направено без дозвола тој е целосно легален ако протестирате тоа ќе го потврди како суштество само за себе ќе потврди дека станува збор за апсолутен човек без исклучоци ако е тажен неговата гранка расте спротивно на гравитацијата и историјата ако се смее неговата гранка натежнува со плодови и ништо не можете да направите околу таквата појава

од лево лежи тигар од десно неговата ампутирана нога која со текот на годините сраснува со постелата ако го покриете преку него ќе се раствори во прав се што сте имале да му кажете зашто тој е неприкосновен косач на фантазијата јавач на мисли гледач на соништа ништо во човекот не е по мерка на божественоста но тој се создава себеси како човек повеќе од човек
Ивица Антески

Што се случува со архивата на А1?

(a1.com.mk) - А1 Телевизија е во стечај од 26.07.2011 година
А1 Телевизија, како што ја знаевме, повеќе не постои.
Поради тоа, на сајтот не се внесуваат нови содржини.

Сајтот на А1 повеќе не се апдејтува, тоа ок! Нормално, пошто телевизијата веќе не постои... ама што се случува со веќе поставените содржини?

  • Долг период сајтот на А1 беше еден од најдобро ажурираните сајтови во македонскиот информативен сајбер простор. Содржините што ги поставуваа таму имаат историско значење како документ за еден многу важен период. 
  • Голем дел од блоговите и други сајтови во тој период често линкуваа до содржини на А1, така што во овој момент сите тие текстови кои реферирале на содржини на А1.com.mk губат од својата вредност, односно, не постои можност за проверка на цитираното. (на пример мојот пост „Тие комуњари...“)
  • Што се случува со брендот на А1? Што се случува со домејнот А1.com.mk? На МАР Нет стои дека сајтот се уште е во сопственост на А1 (лице за контакт е Дарко Пeрушевски). Тие имаат вредност.
  • Сајбер архивата на А1 треба да се постави на интернет, да ја откупи некоја институција или фондација и да ја постави онлине.

Log update 17.02.2012/21:50ч - Стечајниот управник на телевизијата е назначен од државата. Ако не планира да ја продаде (архивата влегува во имотот на А1), тогаш барем нека му даде државата налог како јавно добро архивата да ја предаде во некоја библиотека или некој историски архив, па преку него таа да и се стави на располагање на јавноста... Ова секако, земено како услов дека за тоа постои политичка волја.

16 February 2012

...затвореникот...

додека администрацијата
смислува нова хуманост
класниот терорист во ќелијата
пронаоѓа генијални
одговори за просечни прашања
адвокатот носи чевли
од нуклеарен отпад во неговиот
лаптоп се складира
генетскиот запис фајл
по фајл полицаецот
го запира тој од
актовката вади пиштол
господине ќе ве застрелам
минувачите во паника
се фрлаат во воздухот
во метежот утрото
пука а ѕвездата паѓа
како метеор
тоа не е петокрака
тоа е личната исправа
биометриската аура на
граѓанинот господине
запрете го внатрешниот
дијалог јас немам
претензии на поинаква
живеачка вели инспекторот
додека неговата жена
му станува лична секретарка
на затворениот терорист
Ивица Антески

15 February 2012

Time.mk и јас

агрегаторот на информациите им дава додадена вредност - секое одвојување на содржините од рекламите е брцање во џебот на медиумите - Чија е рибата? - чекор со политички последици - решението е кој како се договори

Неколку рандом размислувања околу она што му се случи на Time.mk - гледано од страна, како корисник на услугите на сајтот, како новинар и како PR.

1. Ако Time.mk правел пари, тој правел пари поради услугата да им ги собере информациите на читателите на едно место. Тоа е додадена вредност и тоа ја прави заработката. Материјалот така собран вреди малку повеќе отколку расфрлан по разни сајтови.

2. Тој што мисли дека целата аргументација тука завршува нема појма како функционираат медиумите. Еве една ептен поедноставен слика:
Интернет ја направи информацијата бесплатна. Медиумите повеќе не им продаваат информации на читателите/гледачите, туку читатели/гледачи на рекламерите. Значи работа на медиумите е да произведуваат читатели/гледачи и да им ги продаваат на рекламерите. Медиумите произведуваат читатели/гледачи со производство на содржина (информација,забава и сл.) и на рекламерите им нудат можност покрај таа содржина да постават содржина која читателите/гледачите не ја бараат.
Поради ваквите односи, секое одвојување на содржините што ги произведуваат медиумите од рекламите се смета за брцање во џеб и закана по егзистенцијата на медиумите.

3. Медиумите кои се повлекуваат тоа го гледаат вака: си земаат црв (содржините) и одат во лов на риба (читатели/гледачи). Арно ама иде и друг рибар (сајт, во случајов Time.mk) кој нема свој црв, и на нивниот закачува своја јадица. Чија е рибата?
Односите, секако не се толку едноставни како црвот и јадицата, кои се материјални, наспрема кликовите кои се нематеријални, ама тоа е отприлика нивната логика. И таа е оправдана.

4.Дури и да не се броеја кликовите кои идат од Time.mk, агрегаторот им носеше читаност и влијание (едноставно, кога си таму се знае дека те има). Плус, повеќето од сајтовите на медиумите се само продолжение на весникот/телевизијата и не функционираат комерцијално - што значи дека баш им е гајле колку клика имаат и кој им краде кликови (повеќето од оние кои одлучуваат во многу од медиумите немаат појма како ова функционира).

5. Пред да се коментира за било што, треба да се биде информиран за тоа дали навистина Time.mk им носи дополнителни кликови на сајтовите на медиумите - во што се сомневам, пошто некои од линковите ги отвора во фрејм.

6. Не знам дали има политичка намера во чекорот на некои од медиумите, ама ефектите секако имаат политичка димензија. Time.mk стана место каде што добиваш поинаква слика отколку што е доколку ги следиш сите медиуми - затоа, сакал - не сакал ќе морам да почнам (покрај Time.mk и Daily.mk) да го листам и Bukvar.mk

6. Аргументи имаат и едните и другите. Има политика, ама има и бизнис логика. Таквите ситуации во капитализмот се решаваат како што решава скоро за се - седнуваат страните и преговараат. Па секој ќе добие толку колку што испреговарал, а не колку што заслужува.
Update (15.02.2012/19.31) Истата логика која се однесува на Time.mk важи и за прес клипинг агенциите кои дистрибуираат текстови/прилози без рекламите