19 October 2015

Зошто не сум новинар?


Да се разбереме - јас СУМ новинар. Нема да бидам лажно скромен, мислам дека сум повеќе новинар од многумина на кои прво ќе помислите кога ќе ви спомнат новинарство во Македонија. Оние што се најновинари во Македонија, за жал, никој не ги ни знае, ниту ги почитува.

Јас им пружам рака - респект за секој од нив поединечно. Само тие си знаат што се доживуваат во бучкурушот наречен медиумски простор во земјава.

Додуша, денес веќе дури и читателската и гледачката публика има изместени критериуми за тоа што е тоа новинар. Тој збор е толку девалвиран што разни неписменковци и ебиветровци се самопрогласија за новинари, и разноразни блоголики порталчиња со крадени содржини се самопрогласија за медиуми. Денес секој може да рече јас сум новинар и секој сајт може да рече дека е медиум. Кој е критериумот?

Илузиите за независното новинарство - Ако некој „новинар“ ви каже дека е објективен и дека неговиот медиум е независен - кажи му „Немој да ме јебеш“. Онака ко Кили што и кажа на „новинаркана“.

И теоретски е невозможно медиумот да е независен - зависен е од рекламерите, зависен е од читателите, зависен е од газдата. Не е медиумот под стаклено ѕвоно, постои во општеството и зависи од него.

Истото важи и за новинарите - објективноста е илузија, ако еден новинарски производ се обиде да биде објективен ќе ви биде здодевен за читање - субјективнота им даваат живот на новинарските текстови.

Она што вистинскиот новинар би требало да се стреми да го постигне не е објективноста, туку професионализмот и балансираноста. За жал, многумина од оние кои се сметаат себеси за новинари и да го прочитаат ова нема да може да го сфатат.

Како пропаднаа медиумите - Веќе подолго време медиумите вршат самоубиство. Она што Рамбо Амадеус го кажа пред извесно време, а кое беше вистинскиот повод за постов е кажано одамна.
Televizija i novine su i tehnološki i moralno amortizovani. Što više gube na značaju, više insistiraju na uznemirujućim vijestima, teorijama zavjere i katastrofičnim scenarijima misleći da su ljudi još uvijek željni toga. U svom propadanju nisu primjetili promjenu u ljudskim potrebama. Novi senzibilitet, human i blag, koji se preko interneta širi planetom. Rambo Amadeus

Она што ми боде очи е дека ниту јавноста, ниту самите новинари не можат да сфатат дека се во илузија за тоа каква е природата на медиумите.

Прво, што е она што го продаваат? Првиот одговор ќе ви биде - информации. Неточно. Медиумите им продаваат читатели и гледачи на рекламерите. Ве молам посочете ми колку медиуми всушност живеат од продажба на информации на читателите. Доколку има такви, ќе ги препознаете по тоа што немаат реклами, туку парите ги добиваат со продажба на тиражите на читателите. Такви речиси и да не постојат.

Второ, самиот тој факт менува многу во природата на информациите. И јас се уште не можам да им се изначудам на новинарите, кои се интелигентни луѓе (во главно), како се уште не се охрабруваат отворено да зборуваат за тоа. Имено, новинарскиот производ нема за цел да го информира читателот/гледачот, туку да го привлече и да го натера да ги види и прочита рекламите. Продажбата на информации е онака успат, но не е главна дејност.

И немојте да се изненадите кога во весниците има се повеќе сензационализам. Сензационализмот во медиумот носи читатели, а читателите носат реклами, рекламите се приход - вистинското новинарство е само расход.

Трето, во такви услови, кога вистинското новинарство е само расход, сетете се кој би финансирал медиум кој сака да се занимава со вистинско новинарство. Само некој што има политички интерес...

Се уште верувате во медиумите? Јас не им верувам одамна, независно колку доблесни луѓе работат во нив.

1 comment:

  1. Да речеш дека нема да си новинар заради тоа што има разноразни новинари е исто ко да се откажеш од создавање на квалитетна музика затоа што денес пари имаат само турбо фолкерите. Или да се откажеш од поривот да лекуваш или пресудуваш праведно само затоа што има корумпирани лекари и судии. Публиката гледа/чита тоа што и се сервира, така се создаваат и критериумите, а не обратно. Токму затоа алтернативните медиуми добиваат на значење на сметка на класичните кои стануваат непрактични и ја изгубија довербата кај конзументите. “Интернет-новинарството” не е никако погрешно, напротив добро е што е е урнат монополот над информациите и истите се достапни до сите, интернетот, како и секоја алатка нуди се, од нас зависи колку ќе искористиме.
    Според мене, улогата на новинарите/уредниците денес е само да ги постават вистинските прашања, да наметнат теми, додека секој од нас си одредува што и колку сака да дознае.

    ReplyDelete