13 September 2015

Репринт на мојата роденденска колумна од пред девет години


Денес ми е роденден. Добар повод да ја реобјавам мојата колумна од 14 септември 2006 година што излезе во Шпиц, ден по мојот 30-ти роденден. Беше насловена „Сакам да живеам вечно“.

Вчера ми беше роденден. Веќе никогаш до крајот на светот нема да имам број на години што започнуваат со двојка. Влегувањето во нова цифрена декада од животот ме натера да размислам за неколку нешта, за тоа што сум постигнал и тоа што не сум постигнал, за тоа што сум сакал и за тоа што не сум сакал да ми се случи и за тоа, што од сето тоа станало реалност. За имагинацијата и за стварноста, за соништата и за она што го правиме на јаве.

И, како и секогаш кога размислуваме за такви „големи” нешта, сфатив дека и не биле толку големи, колку сум бил ништо, мравка, безначаен трошач на воздух и на гравитација. Видов колку моите лични проблеми биле исти со оние на другите и колку моите амбиции не се разликувале од оние на моите врсници. Има ли подобра илустрација за тоа од песната „Новиот век” на Александар Кирковски, еден од моите омилени поети од мојата генерација (за жал, недоволно валоризиран од зачмаената ни поетско-критичарска сцена)?

Еве ја во целост, (со негова усна дозвола да не ја употребам во политички контекст:).
Новиот век ќе го дочекам
без објавена збирка раскази,
без персонален компјутер со пристап на интернет
без диплома за завршено високо образование
и без сериозна врска.
Новиот век ќе го дочекам
без решение за работен однос
со терапија која не дозволува консумирање алкохол
и без надеж дека ќе го откријам вистинскиот идентитет
на Виктор Батакоја.
Новиот век ќе го дочекам
без партиска книшка
без да го видам Амстердам
со непрочитан Хазарски речник
и без да & се јавам на С.
и да & кажам дека сe уште
го мислам она што сум & го рекол.
Новиот век ќе го дочекам
убеден дека моите долги песни
не почнале да се скусуваат
дека СФ-от не може да ја замени фантастиката,
и дека е во ред што не & се јавувам на С.
Новиот век ќе го дочекам
без десен ретровизор на мојот автомобил,
без наклонетоста на некогашните девојки
упорен во намерата да престанам
со театрално интерпретирање
на сопствените стихови.
Новиот век ќе го дочекам навреден
што нема да го проследам во целост
за да можам по неговото завршување
да дадам неколку зајадливи констатации
како во случајот со неговиот претходник.

Можеби не се препознавам во сe, но голем дел од овие констатации се однесуваат и на мене. Новата декада ќе ја дочекам неоженет, без автомобил, без сопствено место за живеење, без диплома за завршено високо образование, без партиска книшка... како и илјадници други. Ако притиснеш да направиш едно нешто, ќе ти се излизга од рацете нешто друго. Треба да можеш да правиш сто работи истовремено, да си вистински жонглер, за да можеш да живееш нормално.

Вчера му беше роденден и на Дејвид Холер, еден мој пријател од Сан Франциско, поет и музичар со кого имаме многу слични нешта: поезијата, бендовите, браќата-тапанари во бендовите, денот на раѓање и уште серија други ситници што случајно ги откривме пред неколку години кога се запознавме на Струшките вечери на поезијата. Само што тој е десет години постар од мене. Можам да замислам како се чувствувал кога сфатил дека веќе никогаш нема да има број на години што почнуваат со тројка. Како се свртел наназад и си размислувал, барем една секунда го направил тоа, пресметувал, мерел, додавал и одземал... како што и сите ние правиме понекогаш.


Тоа се оние моменти кога патникот се качува на највисокото место за да види до каде стигнал и што уште му преостанува, кои големи нешта на неговиот пат минале, а кои треба допрва да ги очекува. Независно дали човек има повеќе иднина од минато, или минато од иднина, ако е тоа воопшто можно да се знае или да се претчувствува. Независно дали следниот голем настан во животот ќе биде женачката или умирачката. И какви се тежини ќе мора да носиме по тој пат. И, видиш, од горе, од височинките, ќе ги забележиш и другите патници со кои по патот сте се туркале ваму-таму пречејќи си или потпирајќи се еден со друг, во поинакво светло. Ќе видиш дека нивниот товар е голем колку и твојот и дека можеби не си најголемиот страдалник како што си мислел.


Колку само сите носиме исти планини, колку си се распнуваме секој ден на исти крстови, а, сепак, не можеме да го видиме тоа? Колку нашите лични планини се најтешки и колку нашите лични распнувања се најболни? И колку во тоа слепило, во сенката на сопственото себељубие, не сфаќаме дека во суштина сме расипливи, со изминлив рок на траење?


И по ваквите филозофско-онанирачки егоконтемплации ги прашав некои од најблиските што мислат за животот и за смртта, за минувањето на времето што го имаат. Ме интересираше дали како и мене сите сакаат да живеат вечно. Не знам само дали затоа што се свесни дека тоа практично е неможно, или затоа што навистина го мислат тоа, многумина од нив ме сепнаа со одговорот: „Не, што ќе ми е да живеам вечно. Тоа ќе биде здодевен живот”. „Не ми треба да живеам вечно. Подобро да живеам убаво, отколку долго”.

No comments:

Post a Comment