10 April 2018

Работа ни е да се вљубиме во светот

Некаде во 2006 објавив пост со цитати од Џејмс Хилман, кој тогаш го сметаа за најголем жив психоаналитичар.
(.аНТИблог) 26.04.2006 - „Живееме во се погрди градови, работиме во бучни канцеларии, опкружени сме со грд мебел и се залажуваме дека низ сиот тој хаос можме да поминеме неоштетени!“
Поради тој пост, една пријателка која планираше да го интервјуира за Теа Модерна ми се обрати мислејќи дека имам негова книга... за жал, не можев да ѝ помогнам.

Не успеав да го видам интервјуто, но денес (по 12 години) сум среќен што има и други начини да се допре до неговите мисли.

Од 2011 веќе го немаме Хилман, но неговите идеи и размисли остануваат - некои, поактуелни од било кога. Еве неколку извадоци од ова интервју (на крајот од постов е видеото каде што можеш да го изгледаш во целост):

За љубовта кон светот во кој живееме
Она што би требало да нѐ тера да не уништиме нешто е нашето чувство на почит кон убавината. Што правиш со нешто што е убаво? Се вљубуваш во него. Тогаш кога ќе се вљубиш во светот, ти ќе сакаш да го задржиш.
(...)
Грците сметаа дека зборот Космос во суштина е естетски термин. Тој значеше ред, убавина, внимателнот, обзирност; и беше поблизок до зборот „козметика“ отколку до „космонаут“; тој во грчкиот свет значеше обожување.
(...)
Тогаш кога повторно ќе го разбудиме нашето естетско чувство, кога ќе го надминеме де-естетизирањето што ни е наметнато од работи што не дефокусираат, ќе можеме да ја видиме и да ја почитуваме убавината во светот. Тогаш кога ќе ја видиме убавината, тогаш ќе се вљубиме во неа. 
(...)
Да го сакаш светот не е христијанскиот морализам каде што мораш да го сакаш; а не е ни економската идеја за одржливост каде што ако го сакаш ќе живееш подолго. Мора да биде нешто многу посуштинско. Нешто што го допира срцето: а го допира срцето ако сфатиш дека наша работа на овој свет е да се вљубиме во него. Ние може да се вљубиме во него само ако сме естетски живи во него.
За местото на човекот во светот
Ние си ги затапуваме сетилата од утро до вечер. Со бука, со гласна музика, со светло навечер поради што никогаш не го гледаме ноќното небо. Понекогаш ќе се напиеме чаша студена вода пред јадење со што ги затапуваме сетилата во устата и не можеме да ја вкусиме и мирисаме храната. Ние сме под анестезија.
(...)
Никој не ја цени убавината. Ние повеќе не сме почитувачи. Нашата дефиниција на човекот сега е homo sapiens, човек кој размислува, или homo faber, човек кој изработува нешта. Јас мислам дека смислата е да бидеме homo aestheticus. Ние сме на овој свет за да го цениме, тоа е сѐ. Не мора да правиме нешто со него - доволно е да го цениме. А кога правиме нешто со него, тоа би требало да додаде на неговата убавина.
За потрошувачкото општество
Ако не ја чувствуваме убавината на светот, тогаш ние бараме замена. Ерик Хофер вели „никогаш не можеш да имаш доволно од она што вистински не ти е потребно“. Во брканица сме. Купуваме нешта. Ни требаат нешта. Постојано нешто бараме. Терапевти, љубов, врски, одмори... Нешта за кои рекламите велат дека ги заслужуваме, а ги заслужуваме зашто сме мизерни.
(...)
Она што го изгубивме е чувството за убавината на светот. Се обидуваме тоа да го замениме со обиди да го освоиме, да го имаме, да го поседуваме светот.
За надежта како зло
Во пандорината кутија, откако излегле сите зла, последното кое останало на дното била надежта (elpis). Значи, надежта е внатре, не надвор и таа е едно од злите нешта на светот. Зошто е надежта зло? Затоа што те проектира напред и те оттргнува од она што е. Ако размислуваш на утрото што доаѓа, го пропушташ она што всушност стои пред тебе и што мора да се случи.
(...)
Многу е поважно да бидеме посветени на она што се случува сега. Ако работиме на тоа надежта не ни е потребна.

No comments:

Post a Comment