06 March 2010

Танго

врати ми го тоа срце
што затреперува како
стампедо да ти поминува
преку телото тие нежни
чекори прст преку прст
како да го премеруваме
пречникот на планетата
во точката каде што дланката
ти се потпира на мојата
во точката каде што градите ти
дишат со мојот воздух во која
телото ти се движи со моите движења
врати ми ја таа неостварена прегратка
додека телото ти ја одложува храброста
со секој следен чекор што се топи
под остриот звук на допирите
Ивица Антески

16 February 2010

Човек

никогаш од човекот нема да извлечете такво признание што ќе го обвини за животот зашто тој е создаден мал наспрема бескрајната огромност на универзумот тој ја гледа светлата линија на разумот која се издолжува низ епохите но одрекува било каква поврзаност со своето его ако го распнете тој ќе ви го раскаже животот до детали но од тоа нема да извлечете обвинение зашто тој е суштество создадено за слобода

некаков таен сојуз е склучен и човекот знае за него но останува во својата лулка зашто во неа ги сознава времињата минати и времињата идни тој со згрчениот бицепс на спознанието расклопувачот на галаксии оној што тивко ги црта траекториите на планетите по кожата на својот ближен неспокојно лежи во својата лулка и чека магнетните полиња да натежнат на срцевата орбита

ништо од човекот не е направено без дозвола тој е целосно легален ако протестирате тоа ќе го потврди како суштество само за себе ќе потврди дека станува збор за апсолутен човек без исклучоци ако е тажен неговата гранка расте спротивно на гравитацијата и историјата ако се смее неговата гранка натежнува со плодови и ништо не можете да направите околу таквата појава

од лево лежи тигар од десно неговата ампутирана нога која со текот на годините сраснува со постелата ако го покриете преку него ќе се раствори во прав сè што сте имале да му кажете зашто тој е неприкосновен косач на фантазијата јавач на мисли гледач на соништа ништо во човекот не е по мерка на божественоста но тој се создава себеси како човек повеќе од човек