не знам колку време сум се искачувал по тајната планина на срцевата дијалектика колку студениот воздух ме шибал преку лицето како гумено црево колку пати сум го згрчил мускулот за да не посегнам по твојата топлина не знам колку зборови сум проголтал колку мисли се вкочаниле под нулата колку неизречени слики на твојата бела кожа се замрзнале во сеќавањето не знам колкупати си го скрила демонскиот часовник но знам дека открив како стравот ги вкочанува ангелите во лузната на времињата
ако треба да мижам јас ќе ги затворам очите но ти нема да бидеш моја ниту во замислата како што те немам ни во реалноста ако треба да зборувам јас можам да ги изговорам сите зборови што ги знам но ниеден од нив нема да допре до твоето срце ако треба јас ќе притискам по тастатурата ќе удирам по тапанот во ноќта додека не ги разбудам ангелите додека не предизвикам општа катаклизма но тоа нема да смени ништо во твоето расположение таа планина што сум ја искачувал тоа име што сум го пишувал што никогаш не сум успеал да го напишам правилно ако треба ќе се обидувам до крајот на животот но тоа нема да те направи нималку поблиска ако треба ќе зборувам со духови ќе повикувам демони ќе гледам ќе гатам но не постои магија што ќе те доведе до мене не познавам наука што може да ја открие закономерноста на твоето срце
ќе спијам ќе спијам ќе спијам никогаш нема да се разбудам ако тоа е потребно за човек да го претвори своето сонување во јаве ќе ги нацртам твоите очи на сите хартии што ќе ги допрам ако така го заслужам твојот поглед јас не посакувам друг разум освен оној што ме тера на лудоста да те имам јас ќе бидам буден ќе бидам буден ќе бидам буден никогаш нема да спијам зашто може да го пропуштам моментот кога твоите усни ќе прошепотат ако е потребно ќе го заменам сонот со будност разумот со лудост материјалноста со идеја за да ги помириш спротивностите со магијата на естрогенот
која вештина ми е потребна за да ти втиснам бакнеж на вратот кој јазик која граматика да ја научам за да можам да ти шепотам која тајна може да го отклучи вителот на твојата телесност ти стоиш наспроти ритуалите наспроти фразите и речениците ти стоиш наспроти гласовите и тишината ти стоиш наспроти мене кој чекор може да ме доведе поблиску кој орган која клетка кое движење може да ми ја спушти раката на твоите рамена ти стоиш наспроти студот и топлината наспроти разумот и верувањето наспроти светот и фантазијата ти стоиш наспроти мене ти стоиш наспроти мене наспроти се што би сакал да направам за тебе
25 јануари 2010
Ива
Posted by
.аНТИ
at
понеделник, јануари 25, 2010
0
comments
Links to this post
Labels: поезија
23 јануари 2010
Концертот за Тоше, хуманитарен или не?
концертот за Тоше не е хуманитарен - манастирот е туристичка дестинација - ЕВН ќе донира освелување - дали е ова идолопоклонство?
(МИА) 23 јануаро 2010 - Концертот е во организација на Фондацијата „Тоше Проески“, под покровителство на Владата и Министерството за култура, а со цел собирање средства за остварување на уште еден голем сон на Тоше поврзан со неговиот духовен дом во Крушево, односно осветлување на манастирот „Свето Преображение“, каде тој го наоѓаше својот мир. ЕВН Македонија со донација за електрификација се вклучува во напорите за добивање светлина во манастирот.Оваа вест од која цитирав едно парче е насловена „Промоција на нов албум и хуманитарен концерт во чест на Тоше“. Од овие неколку цитирани реченици се гледа дека во суштина концертот воопшто не е хуманитарен. Зошто?
За нешто да биде хуманитарно мора да оствари некоја хуманитарна цел. По дефиниција хуманитарен значи „човечен, човекољубив, што настојува да им помогне на луѓето“ (провери си ја дефиницијата и самиот овде).
Извинете, ама не гледам дека осветлувањето на некој си манастир што е туристичка атракција ќе им помогне на луѓето - освен на туристите и на дел од тие што се верници. Искрено не верувам дека вистинските верници ќе се потепаат да се помолат во „манастирот на Тоше“, зашто не им е важно каде се молат, важно им е кому му се молат. Башка, како што се гледа - осветлувањето било донација на ЕВН - ваљда со парите од концертот ќе ги купат само штекерите.
Вреди да се размисли и дали ова идолопоклонство е во судир со религиските догми... ама тоа им го оставам на теолозите да си го думаат.
Posted by
.аНТИ
at
сабота, јануари 23, 2010
4
comments
Links to this post
Labels: општество
21 јануари 2010
Едно кило .аНТИ
И така, драги мои, .аНТИблог стигна до 1.000 поста. Значи, ако го читаш ова - го читаш мојот пост број 1.000 според статистиката во мојот дашборд. Сеа, нормално ова може да се земе како релативна бројка, затоа што има некој пост плус, ако ги рачунаме оние „за блогот“, „контакт“, „правила“ и слични тракатанци кои мерачот ги рачуна ко постови - ама генерално, еве да одбележам.
Ако погледнете во архивата ќе видите како бројката на постови ми опаѓа со тек на време - отскокнува 2006 година, кога (како што Вуна еднаш напиша) .аНТИ беше на некои тешки блогерски дроги и постираше турбо, ко луд. Ама тоа беа и други времиња, со многу поповолни ветришта за блогерите, времиња без фејсбуци, твитери и слично.
Што се тиче до тебе, ко читател - да не те замарам ептен со себепофалби, од овој пост ќе ќариш што ќе дознаеш неколку работи кои можеби и не си ги знаел - ако уопште нешто ти значи да ги знаеш.
- 1000 може да се напише и како 1 x 103
- 1000 години е еден милениум
- 1000 единици од некоја мерка се означуваат со префиксот кило (1000m=1km; 1000gr=1kg)
- викаат дека една фотографија вреди колку 1000 збора - никогаш не сум измерил; се прашувам што вреди колку 1000 поста?
Posted by
.аНТИ
at
четврток, јануари 21, 2010
2
comments
Links to this post
Labels: блогирање
Крај на светот или зошто паѓаме во клопката на современите медиуми (3)
нема независни медиуми, прашање е од кого зависат - економските интереси како параван на партиските - новинарите мора да бираат меѓу платата и етиката
Македонските медиуми со исклучоци или многу ретко функционираат пазарно. Затоа може слободно да се каже дека она за што пишував во моите две први продолженија
- Крај на светот или зошто паѓаме во клопката на современите медиуми
- Крај на светот или зошто паѓаме во клопката на современите медиуми (2)
НЕЗАВИСНИ МЕДИУМИ Медиумите во еден идеален случај на пазарно стопанисување се фирми кои живеат од продажба на информации. Со најновиот развој, откако интернет во најголем број случаи информацијата ја направи бесплатна, оваа ситуација се смени, па наместо да им продаваат информации на читателите, медиумите им продаваат читатели на рекламерите.
Како што во повеќе прилики сум повторил - погрешно е да се каже дека некој медиум е независен. Точно би било кога би го поставиле прашањето: од кого е зависен (или независен) некој медиум? И овде важи правилото „да се следи текот на парите“. Доколку некој весник, на пример, живее од продажба на тиражот, тој е зависен од оние кои го купуваат. Доколку за читателите е бесплатен - него го плаќа некој друг. И од тој „друг“ зависи. Тука доаѓаме до клучната поента што сакам да ја изнесам во овој пост.
НЕЕКОНОМСКА ЕКОНОМИЈА Оној кој плаќа за трошоците што ги прави медиумот - плати, компјутери, простории, струја, печатење/емитување... - тој за таа своја инвестиција сака да добие нешто за возврат. Доколку некој медиум го финансираат рекламерите, тогаш тие сакаат тој да го заштити нивниот интерес, плаќаат во нив да се појави нивна прикриена или експлицитна реклама, очекуваат за нивните производи да има позитивни текстови, да не бидат напаѓани за неквалитет или слично. Значи, овде зборуваме за чисто економски интерес.
Но, според моето лично искуство, во Македонија многу ретко некоја компанија се рекламира или застанува зад некој медиум од чисто економски интереси. Јавна тајна е дека многу компании се блиски на оваа или онаа политичка партија. На тој начин, преку рекламите на своите фирми, партиите влијаат и на уредувачката политика на медиумите. Значи, како што се изрази во едно интервју Роберто Беличанец, често економскиот интерес е параван зад кој се крие партиско-политичкото влијание.
ТАЈНИТЕ НА ЈАВНОСТА Истово ова може да се каже и малку поинаку. Некоја фирма, блиска на една партија, ќе го поддржи, преку реклама, медиумот што пишува/емитува позитивно за партијата. Па така, ќе најдете медиум кој на пазарот самиот не би опстанал ни една недела, како прај парче со своите скапи програми, само затоа што преку него некој си го остварува своето влијение на јавното мислење. А преку јавното мислење, може да замислите на кого се може да влијае: на власта, на опозицијата, на некоја конкретна организација, фирма, конкуренција... на се што е подложно на јавен притисок.
Може само да замислите во целава оваа слика што е работа на нас новинарите - што и за кого одработуваат и за што си ја добиваат платата. Понекогаш се случува етиката и професионалноста да се, најблаго кажано, факултативни особини на некој новинар. Често, тие може да се товар кој пречи да се напредува во кариерата. Ако ја пишуваш вистината, ти пишуваш против оној кој ти дава плата - ако пишуваш за оној кој ти дава плата, ти работиш непрофесионално. Па сега рачунај.
Posted by
.аНТИ
at
четврток, јануари 21, 2010
0
comments
Links to this post
Labels: новинарство, општество, политика
20 јануари 2010
Една ноќ... III
некој пријавил дека тишината е скршена и дека може да ја поправи само нејзиниот поглед некој обвинил дека несреќата не светот е обвиткана со фотокопирани отисоци на нејзините одбивања зборувал дека телото и го придржуваат со стапчиња од цимет некој соборил рекорд во размислување за нејзините зборови и во откривањето на малите знаци скриени во очите некој и зборувал долго за да и објасни нешта за кои зборовите само го заматуваат сознанието и изговарал гласови со мистично значење како да и фрла магија некој пред сите и признал тајна некој ја слушал како што се слуша шумот на празните радиофреквенции некој и ги гледал усните без да сфати што значат
Posted by
.аНТИ
at
среда, јануари 20, 2010
1 comments
Links to this post
Labels: поезија
Една ноќ... II
сум го отворал капакот на окото една капка пот се создавала на челото еден атом воздух се проврел низ маичката таа добила желба за насмевка јас сум и ги погледнал ноктите музичарот направил безлична гримаса во чашата паднала кикиритка нашите погледи се сретнале на прозорецот удрила гранка случајно свиткана од минувач пивото во шанкот изврило петденарка паднала под масата и ќе биде пронајдена по неколку дена од друг човек таа погледнала во огледалото додека се прашувала што сум видел додека сум ја гледал
Posted by
.аНТИ
at
среда, јануари 20, 2010
0
comments
Links to this post
Labels: поезија
Eдна ноќ... I
една ноќ девојката е видена како отклучува врата за да влезе во огледалото по нејзиниот врат се спушта водопадот од погледи и таа не знае дали да ја сврти главата на север таа е заробена во своето тело кое се вжештува како сонце една ноќ девојката го премолчува шепотот и ме допира со прстите таа е забележана како бега во темнината со мојот кардиоваскуларен систем во ташната се потпира на ѕид го откопчува последното копче на кошулата видена е газела како ги прескокнува формалностите и виден е тигар што ритуално и се приближува една ноќ девојката се збогува со своите љубовници но видена е како мене ми посакува добро утро ги крева градите додека вдишува косата и паѓа во слапови преку грбот некој слушнал како прашувам за нејзиното име
Posted by
.аНТИ
at
среда, јануари 20, 2010
1 comments
Links to this post
Labels: поезија


