25 October 2015

Една ноќ...

една ноќ девојката е видена како отклучува врата за да влезе во огледалото по нејзиниот врат се спушта водопадот од погледи и таа не знае дали да ја сврти главата на север таа е заробена во своето тело кое се вжештува како сонце една ноќ девојката го премолчува шепотот и ме допира со прстите таа е забележана како бега во темнината со мојот кардиоваскуларен систем во ташната се потпира на ѕид го откопчува последното копче на кошулата видена е газела како ги прескокнува формалностите и виден е тигар што ритуално и се приближува една ноќ девојката се збогува со своите љубовници но видена е како мене ми посакува добро утро ги крева градите додека вдишува косата и паѓа во слапови преку грбот некој слушнал како прашувам за нејзиното име


сум го отворал капакот на окото една капка пот се создавала на челото еден атом воздух се проврел низ маичката таа добила желба за насмевка јас сум и ги погледнал ноктите музичарот направил безлична гримаса во чашата паднала кикиритка нашите погледи се сретнале на прозорецот удрила гранка случајно свиткана од минувач пивото во шанкот изврило петденарка паднала под масата и ќе биде пронајдена по неколку дена од друг човек таа погледнала во огледалото додека се прашувала што сум видел додека сум ја гледал


некој пријавил дека тишината е скршена и дека може да ја поправи само нејзиниот поглед некој обвинил дека несреќата не светот е обвиткана со фотокопирани отисоци на нејзините одбивања зборувал дека телото и го придржуваат со стапчиња од цимет некој соборил рекорд во размислување за нејзините зборови и во откривањето на малите знаци скриени во очите некој и зборувал долго за да и објасни нешта за кои зборовите само го заматуваат сознанието и изговарал гласови со мистично значење како да и фрла магија некој пред сите и признал тајна некој ја слушал како што се слуша шумот на празните радиофреквенции некој и ги гледал усните без да сфати што значат

Ивица Антески

19 October 2015

Зошто не сум новинар?


Да се разбереме - јас СУМ новинар. Нема да бидам лажно скромен, мислам дека сум повеќе новинар од многумина на кои прво ќе помислите кога ќе ви спомнат новинарство во Македонија. Оние што се најновинари во Македонија, за жал, никој не ги ни знае, ниту ги почитува.

Јас им пружам рака - респект за секој од нив поединечно. Само тие си знаат што се доживуваат во бучкурушот наречен медиумски простор во земјава.

Додуша, денес веќе дури и читателската и гледачката публика има изместени критериуми за тоа што е тоа новинар. Тој збор е толку девалвиран што разни неписменковци и ебиветровци се самопрогласија за новинари, и разноразни блоголики порталчиња со крадени содржини се самопрогласија за медиуми. Денес секој може да рече јас сум новинар и секој сајт може да рече дека е медиум. Кој е критериумот?

Илузиите за независното новинарство - Ако некој „новинар“ ви каже дека е објективен и дека неговиот медиум е независен - кажи му „Немој да ме јебеш“. Онака ко Кили што и кажа на „новинаркана“.

И теоретски е невозможно медиумот да е независен - зависен е од рекламерите, зависен е од читателите, зависен е од газдата. Не е медиумот под стаклено ѕвоно, постои во општеството и зависи од него.

Истото важи и за новинарите - објективноста е илузија, ако еден новинарски производ се обиде да биде објективен ќе ви биде здодевен за читање - субјективнота им даваат живот на новинарските текстови.

Она што вистинскиот новинар би требало да се стреми да го постигне не е објективноста, туку професионализмот и балансираноста. За жал, многумина од оние кои се сметаат себеси за новинари и да го прочитаат ова нема да може да го сфатат.

Како пропаднаа медиумите - Веќе подолго време медиумите вршат самоубиство. Она што Рамбо Амадеус го кажа пред извесно време, а кое беше вистинскиот повод за постов е кажано одамна.
Televizija i novine su i tehnološki i moralno amortizovani. Što više gube na značaju, više insistiraju na uznemirujućim vijestima, teorijama zavjere i katastrofičnim scenarijima misleći da su ljudi još uvijek željni toga. U svom propadanju nisu primjetili promjenu u ljudskim potrebama. Novi senzibilitet, human i blag, koji se preko interneta širi planetom. Rambo Amadeus

Она што ми боде очи е дека ниту јавноста, ниту самите новинари не можат да сфатат дека се во илузија за тоа каква е природата на медиумите.

Прво, што е она што го продаваат? Првиот одговор ќе ви биде - информации. Неточно. Медиумите им продаваат читатели и гледачи на рекламерите. Ве молам посочете ми колку медиуми всушност живеат од продажба на информации на читателите. Доколку има такви, ќе ги препознаете по тоа што немаат реклами, туку парите ги добиваат со продажба на тиражите на читателите. Такви речиси и да не постојат.

Второ, самиот тој факт менува многу во природата на информациите. И јас се уште не можам да им се изначудам на новинарите, кои се интелигентни луѓе (во главно), како се уште не се охрабруваат отворено да зборуваат за тоа. Имено, новинарскиот производ нема за цел да го информира читателот/гледачот, туку да го привлече и да го натера да ги види и прочита рекламите. Продажбата на информации е онака успат, но не е главна дејност.

И немојте да се изненадите кога во весниците има се повеќе сензационализам. Сензационализмот во медиумот носи читатели, а читателите носат реклами, рекламите се приход - вистинското новинарство е само расход.

Трето, во такви услови, кога вистинското новинарство е само расход, сетете се кој би финансирал медиум кој сака да се занимава со вистинско новинарство. Само некој што има политички интерес...

Се уште верувате во медиумите? Јас не им верувам одамна, независно колку доблесни луѓе работат во нив.

16 October 2015

Нештата што му недостасуваат на денешниот човек

1. Дисциплина - При примената на секое умеење се поставуваат некои општи барања, без оглед на тоа дали се работи за умешност во дрводелството, во медицината или за умешност во љубовта. Како прво, примената на умешноста бара дисциплина. Никогаш нема да бидам добар во ништо ако тоа не го сторам на дисциплиниран начин. Ако направам што и да е само затоа „што ми се допаѓа“, тоа може да биде убаво и забавно хоби, но никогаш нема да станам мајстор во тоа умеење. Меѓутоа, проблемот не е само во дисциплинираното спроведување на некое умеење (да речеме, вежбање секој ден по неколку часа), туку е тоа проблем на дисциплинираност во целиот човечки живот. Некој би можел да помисли дека за модерниот човек ништо не е полесно од дисциплината. Не поминува ли тој осум часа дневно на најдисциплиниран начин на работата која е строго рутинизирана? Меѓутоа, факт е дека човекот поседува многу малку самодисциплина надвор од сферата на работата. Кога не работи, склон е да биде мрзлив, да се опушти или, да употребиме поубав збор, да мирува. Самата таа желба за мрзливост повеќе е реакција против рутинизираниот живот. Токму затоа што е принуден осум часа дневно да ја троши својата енергија за цели што не се негови и на начин што не е негов, туку произлегува од самиот ритам на работата, тој се бунтува, а неговата понуда добива облик на инфантилно угодување на самиот себеси. Притоа во битката против авторитативноста тој станал недоверлив спрема секоја дисциплина, и спрема онаа што ја наметнал ирационален авторитет и спрема рационалната дисциплина која сами си ја наметнуваме. Без ваква дисциплина, меѓутоа, животот станува раздробен, хаотичен и му недостига концентрација.

2. Концентрација - Речиси не е потребно да се докажува дека за совладувањето на некоја умешност е потребна концентрација. Тоа добро го знае секој што се обидел да научи некое умеење. Сепак, концентрацијата во нашата култура е поретка дури и од самодисциплината. Напротив, нашата култура води кон растресен и дифузен начин на живот, каков што одвај се наоѓа каде и да е на друго место. Човекот работи многу нешта одеднаш: чита, слуша радио, разговара, пуши, јаде, пие. Човекот е потрошувач со отворена уста, желен и подготвен сè да проголта - слики, пијалак, знаење. Тој недостиг на концентрација јасно се покажува во нашата тешкотија да бидеме насамо со себеси. Да седиш мирно, без разговор, без пушење, читање, пиење, за мнозинството од луѓето е невозможно. Те стануваат нервозни, нестрпливи се и мораат да сторат нешто со своите усти и раце. (Пушењето е еден од симптомите на тој недостиг на концентрација: тоа ги вработува раката, устата, окото и носот.)

3. Трпение - Третиот фактор е трпението. И пак секој што кога и да е се обидел да совлада некоја вештина, знае дека трпението е потребно ако човек сака нешто да постигне. Тој што сака брзи резултати, никогаш нема да научи некоја вештина. Меѓутоа, за модерниот човек, да практикува трпение е толку тешко колку што му е тешко да вежба дисциплина и концентрација. Целиот наш индустриски систем го поттикнува токму спротивното: брзината. Сите наши машини се конструирани за брзина: автомобилот и авионот брзо нè пренесуваат на саканото место - и колку побрзо толку подобро. Машината што може да произведе исто количество за половина од потребното време вреди двапати повеќе од постарата и побавната машина. Се разбира дека постојат важни економски причини за тоа, но, како и во многу други аспекти, економските вредности почнаа да ги определуваат човечките вредности. Тоа што е корисно за машините, мора да е корисно и за човекот - тоа е логиката. Модерниот човек мисли дека нешто губи - време - кога не ги врши работите брзо. Па сепак, тој не знае што да прави со времето кое толку тешко го заштедува - освен да го убива времето.

И најпосле, за да ја совладаме која и да е вештина, тоа совладување мора да ни биде од најголема важност. Ако за ученикот умешноста не е нешто најважно, тој никогаш нема да ја совлада. Во најдобар случај ќе остане дилетант, но никогаш нема да стане и мајстор. Тој услов е нужен за умешноста на љубовта и за кое и да е друго умеење. Сепак се чини дека соодносот меѓу мајсорот и дилетантот значително повеќе отколку што е случај со другите умеења.

Морам уште нешто да наспоменам во врска со општите услови за совладување на умешноста. Човекот не ја совладува умешноста директно, туку, така да речам индиректно. Човекот мора да научи многубројни други и навидум неповрзани нешта пред да почне да ја учи самата умешност. Столарскиот чирак учи како да го струже дрвото; еден ученик по пијано почнува со вежбање на музичката скала; ученикот по Зеновата умешност во стрелање со лак почнува прво со вежби за дишење. Ако некој сака да стане мајстор во која и да е умешност, целиот свој живот мора да го посвети на тоа, или со тоа да биде врзан. Човековата сопствена личност станува инструмент во совладувањето на умешноста и мора да биде секогаш подготвена, зависно од специфичните функции што треба да ги врши. Што се однесува до умешноста на љубовта, ова значи дека секој што се стреми да стане мајстор во таа уметност, мора да почне со вежбање на дисциплината, на концентрацијата и трпението во текот на секоја фаза од својот живот.
Ерих Фром
(текстот е извадок од книгата „Уметноста на љубовта“ на американскиот психолог Ерих Фром. Нумерацијата и меѓунасловите се мои - И.А.) 

08 October 2015

паѓам

паѓам врз минатото како прав што се таложи
дрвениот косач и челичната месечина
поминуваат низ времето како
чешел облак по облак
небото ја цеди болката како да гради ѕидови околу
твојот кревет се таложам упорно како сонот од
кој никогаш не сме се разбудиле
таа мисла што ми ја скршила перницата

паѓам како ноќ се таложам како
молња која поминува низ небото како
игла трепка по трепка
таа капка на образот што те заградила околу себеси
Ивица Антески