09 April 2008

Свирчето на новинарот

Што би се случило ако и полицајците, како и новинарите, си речат, чекај и ја сум граѓанин и имам чувства, ќе ја оставам за малку работата, па ќе и се придружам на толпата?

Секој што барем малку, дури и лаички, го познава фудбалот знае дека добар судија е оној што на теренот е незабележлив. Добриот судија не треба да ја прекинува играта прекумерно и без причина, не треба да го расипува надигрувањето, а за конечниот исход на натпреварот, наместо играта на тимовите, да решат неговите одлуки. Во ниеден случај тој не смее да стане еден од оние што ќе повлијаат на настаните на теренот, не смее да биде играч.

Публиката на стадионите не доаѓа за да го гледа него, туку играта. Тој не е настан, настан е фудбалската игра.

Наспрема тоа, лошиот судија станува фактор, го контролира резултатот, често донесува драстични одлуки, се конфронтира и ги иритира фудбалерите и наместо да овозможи играта да стане поубава, тој ја прави валкана.

Овој пример го дадов за да илустрирам како отприлика изгледа улогата на новинарите во текот на општествените движења. Изненадувачки е колку сличности има во ситуацијата во која се наоѓа новинарот и онаа на фудбалскиот судија.

Укорот на ЗНМ Се случи група македонски новинари да ја напуштат прес-конференцијата на првиот човек на НАТО, Јап де Хоп Шефер во Букурешт. Верувајте ми, човекот ми е антипатичен, организацијата на чие чело стои ми е одвратна, ама мојата прва реакција кога слушнав за тоа беше осуда.

Деновиве неколкумина од тие новинари јавно кажаа дека откако се случил настанот тие станале ѕвезди, дека нивните странски колеги потрчале да им земат изјави или да им направат интервју. Одеднаш, новинарите се најдоа од другата страна на камерите. Наместо медиуми, станаа предмет на медиумска обработка - и со тоа, секако, престанаа да бидат новинари.

Кога судијата престанува да суди добро и кога ја губи неутралната позиција, тој станува играч на една од страните, а не арбитар. Џабе му е поинаквиот дрес и свирчето (кога сме кај свирчињата).

Го поддржувам укорот што им го дадоа од Советот на честа на Здружението на новинарите и сосема се согласувам со оцената дека постапката во Букурешт не била во согласност со професионалните стандарди. Според новинарското здружение „ваквите постапки се соодветни за ситуации кога новинарите на каков било начин се попречени да ја извршуваат својата професионална задача, што не било случај со пресот на генералниот секретар на НАТО".

И полицајците се граѓани Но, да се обидеме да го заборавиме овој настан, сепак, ќе нe дочекаат уште десетици или стотици други. Новинарите, македонски или странски, се премногу често оптоварени со остварување некаква просветителска мисија. Нивната работа не е да учествуваат во настаните од кои известуваат или да се солидаризираат со некоја од страните. Медиумите може да им дадат глас на тие што немаат глас, ама не и да ја водат нивната битка. Битката на новинарите е да информираат, да прават слика за светот која најдобро ја одразува реалноста таква каква што е. Колку што можат подобро. Сe друго е злоупотреба на нивната позиција.

Образложението дека и новинарите се луѓе е апсолутно несоодветен аргумент. И полицајците пред грчката амбасада се луѓе, но што треба да направат? Наместо да ја бранат амбасадата од хулигани, треба ли да ги свртат пушките кон амбасадата и да пукаат кон прозорците на канцелариите на грчките дипломати? И полицајците се луѓе. Сигурен сум дека и тие се изреволтирани од апсурдното барање на Грците. Што би се случило ако и тие, како и новинарите, си речат, чекај и ја сум граѓанин и имам чувства, ќе ја оставам за малку работата, па ќе и се придружам на толпата?

Да, и новинарите се граѓани. И тие имаат право да изразуваат политички ставови и јавно да кажат што мислат. Неутралноста е невозможна. Дури и теоретски, не е можно медиумите да бидат независни и објективни. Она што ни останува е да се држиме до правилата на професионалноста и балансираното известување. Нема секогаш да успееме, однапред треба да знаеме, ама секое прекршување треба да се смета за прекршок, а не за успех и херојство.