25 May 2011

Тие комуњари...

„Се создава еден вештачки култ на негирање, кој што треба да докаже на младите дека тие комуњари, тие луѓе, тој систем биле тотална пропаст, нормално од аспект на нашите демократски потреби. Нема за тоа време и за тој систем ниедна позитивна оценка, но за многу важни државни интереси мислам дека историчарите еден ден ќе изречат поинакви оценки“ ~ Васил Тупурковски (25 мај беше ден на младоста на една генерација граѓани)

Толку сонував за тебе

Толку сонував за тебе што ти ја загуби својата реалност.
Има ли уште време да се достаса тоа живо тело и да се бакне врз таа уста раѓањето на гласот кој ми е драг?
Толку сонував за тебе што моите раце свикнати да се вкрстуваат, во прегрнувањето на твојата сенка, врз моите гради, не би се свиткале околу облиците на твоето тело, можеби.
Толку, што пред вистинската појава на она што ме посетува и ме води веќе со денови и со години јас би станал една сенка, несомнено.
О сентиментални двоумења.
Толку сонував за тебе што нема веќе време за да се разбудам. Јас спијам простум, со тело изложено на сите појави на животот и на љубовта, а ти која единствено постоиш за мене денес, ти имаш чело и усни кои јас би можел многу потешко да ги допрам отколку првите усни и првото чело што ќе наидат.
Толку сонував за тебе, толку одев, зборував, спиев со твојот призрак што не ми остана ништо друго освен можеби да бидам призрак меѓу призраците и стопати повеќе сенка отколку сенката што се шета и ќе се шета пополека по сончевиот часовник на твоето тело.

Робер Деснос

24 May 2011

Сеништето на комунизмот...

Американски антикомунистички постер од 1950 година.

Постерот е преземен од текстов кој зборува за омразата во американското општество.

23 May 2011

Најголемите научници не се верници

„Бидејќи постои закон каков што е гравитацијата, универзумот може и се создава себеси од ништо. Спонтаната креација е причината што постои нешто, а не ништо, зошто постои универзумот, зошто ние постоиме. Не е неопходно да се повикуваме на Господ за да ја објасниме шемата и начинот на кој универзумот функционира“ - Стивен Хокинг
Ова е всушност одговор на неколку дебати што ги имав деновиве со повеќе луѓе. Најголемите научници не се верници, да не се лажеме - само погрешно се толкуваат нивните изјави. За повеќе читање го препорачувам текстот „Stephen Hawking says universe not created by God“.

твојата љубов

твојата љубов ме напаѓа од заседа како разбојник таа чека надвор од кругот на срцето јас ѝ ги покажувам околните балкони на кои луѓето се кршат од болка и си изјавуваат доживотна верност не јас не ти ја посакувам вечноста кога моите раце би биле бесконечни тоа можеби би имало смисла седнувам спокоен со прашањето до кога ќе трае оваа сезона на лов на срцето ова катапултирано тело што ти се предава безусловно облакот собран во шише цртежот на црнец што сече ногарка на дрвен стол до кога ќе трае изговорот на самогласките протокот на песок низ воспаленото грло на часовникот не јас не ти го посакувам времето доволна ми е твојата љубов

22 May 2011

Избори се! Црвен картон за сите!

гласањето не е само право и обврска, туку и одговорност – клучните цели на скоро сите политички партии се исти - огромно мнозинство кои не се задоволни со тоа како се поставени работите во ова општество

Директна провокација за колумнава е кампањата на Институтот отворено општество која ги повикува граѓаните масовно да излезат на избори. Прво, оваа кампања е насочена против правото на граѓаните да не излезат на избори и со тоа да го кажат своето мислење за актуелната партиска понуда. Второ, оваа кампања јас ја гледам како дел од предизборните активности на опозицијата. И во двата случаи, кампањата е во насока на поддршка на политичкиот систем таков каков што е... а каков е? Хм, корумпиран, полтронски, непотистички, тоталитарен, несолидарен, деградирачки, суров, нехуман...

Гласањето е давање доверба

Секој од нас има право да не излезе на избори доколку смета дека нема некој кој би можел да го претставува. Не само тоа, секој од нас има ОДГОВОРНОСТ за тоа кому му го делегира своето право да одлучува. Гласачкото право не е само право и обврска, туку и одговорност како ќе се искористи. Затоа, сосема невкусно, па дури и недемократски, е некој да прави да се чувствуваш лошо затоа што немаш доверба во некој од понудените партиски кандидати и листи.

Јас не гласам веќе неколку циклуси токму поради тоа што нема политичка партија, програма или кандидат во кого имам доверба. Штом нема опција која ја поддржувам, нема да гласам, тоа е мое право и моја одговорност!

Друга алтернатива е да гласам против онаа партија во која немам доверба. Онака како што прават многумина од оние убедени дека мора да гласаат и покрај тоа што не им се допаѓа понудата. Извинете, ама да му дадеш мандат на некој за кого не веруваш дека спроведува правилни политики е крајно неодговорно.

Едноумие и тоталитаризам

Една од причините поради кои не гласам е едноумието. Не треба да си аналитичар за да сфатиш дека всушност клучните цели на скоро сите политички партии се исти. Тоа е онаа борг-мантра „Сите во НАТО, сите во ЕУ – отпорот е бесмислен!“. Зошто би се секирал која партија е на власт, ВМРО или СДСМ, кога и двете во своите програми за крајни стратешки цели ги имаат НАТО и ЕУ; кога чекорите што ги преземаат и законските акти што ги носат се во таа насока; кога клучните чекори во политиката ги донесуваат со амин на странски политички фактори? Прашањето кој ќе дојде на власт за мене е само прашање на стилот со кој тие политики се спроведуваат.

Оваа марионетска политика е само замачкана со пропагандата дека тоа е наша цел, дека ние сакаме така, пропаганда „не го правиш тоа што го сакаш, туку го засакуваш тоа што мораш да го правиш“. Анкетите со матни прашања на кои има по 99% поддршка за оваа цел се само потврда за ова – секој што е малку посериозен ќе се запраша што не е во ред со анкета на која има толкаво мнозинство за една од опциите.

На крајот на краиштата, ако толку им се важни гласачите, зошто никој не го праша народот на референдум дали тој сака стратешките цели на државата да се ЕУ и НАТО? За влегување во воена алијанса дури има и уставна обврска да се праша народот. Тој референдум го оставаат за на крај, кога народот ќе ги истрпи сите оние сурови реформи кои ќе уништат судбини на многу луѓе... извинете, тоа не е демократија, туку ставање пред свршен чин.

Некој ќе рече „ете ти го Груевски, тој е против ЕУ и НАТО“. Тоа е неточно, Груевски не е против ЕУ и НАТО, тој само игра по линија на помал отпор. Евроскептицизмот и антинато рапсоложението на одредени кругови во владејачките структури не се суштински, туку само реакција на грчкото вето. Тоа е во суштина клон на истата пропаганда „не го правиш тоа што го сакаш, туку го засакуваш тоа што мораш да го правиш“. Сладок лимон.

Стара игра, нов стил

Што ќе смени мојот глас? Ништо, освен ако со тоа не си помогнам да ми се вработи некој член на семејството. Или обратното, ако биде отпуштен што другите дошле на власт. Извинете, ама мене таа логика ми е неприфатлива.

Промените ќе се сведат во лицата кои ја спроведуваат политиката за која зборував. Се разбира, и стилот со кој ја спроведуваат. И немојте никогаш да заборавите, ќе се сменат контата кои ќе се полнат од разни тендери-мендери.

Затоа, мене ми е сосема сеедно кој ќе ги добие изборите. Можам да ги коментирам чекорите кои ги презема оној што е на власт, ама критиката кон едните не е секогаш поддршка на другите.

И, на крајот на краиштата, ако некој друг го заокружи моето ливче уште подобро – уште еден доказ за тоа во каков систем живееме.

Пораката на молкот

Ним не им е гајле што мислиш се додека гласаш, се додека учествуваш во нивната игра, се додека ја правиш возможна. Со неизлегување на избори нивната игра станува невозможна, нелегитимна, разобличена... Системот ќе дојде во политичка криза. Тоа во превод значи дека ќе стане невозможно да се одржи, дека ќе треба да се направат некакви измени.
Со неизлегување на избори ќе кажеш дека не ти се допаѓа системот таков каков што е – дека сакаш поинаков систем. Овде не пропагирам каков би бил тој, туку само дека има огромно мнозинство кое е незадоволно од тоа како се поставени работите во ова општество – луѓе што не знаат што можат да направат околу тоа – прв чекор, не излегувај на гласање, дај им црвен картон!

Ете зошто повикувам да не се излезе на избори. Неизлегувањето на избори е опомена. Нема погласно и потревожно нешто за еден политичар и агитатор од тоа да слушне дека гласачите не сакаат да му го дадат гласот нему, ниту на неговиот опонент, дека ги прозрел и презрел нивните шарени каканици. Дека на системот му дава црвен картон.

21 May 2011

Јебеш блог ако не е .аНТИблог

„Tko vrijedi leti, tko leti vrijedi, tko ne leti ne vrijedi“ - Grunf

Ваљда е тоа некој марфиев закон, ама факт е дека не можеш да ѝ се посветиш целосно на една работа, а притоа да не ги запоставиш сите други. Пред да го запустам скроз, блогов едно време функционираше со по еден до два поста неделно, што у ствари и не е така лошо. Лошо е во споредба со најдобрите денови на .аНТИблог, кога имаше еден до два поста дневно. Ги имам постовите и ќе реобјавувам понекогаш нешто ретро.

Како и да е... Веројатно сум имал други начини да го кажам тоа што сум сакал да го кажам. Сега, пак, осеќам јака потреба пак да блогирам. Разликата меѓу 2005 година кога почна .аНТИблог и сега е што сега секој знае што е тоа блог, а тогаш кога ќе спомнев блог ме прашуваа „Каков блок?“ Плус, сега има Фејсбук и Твитер што се мадафакерчиња за раја.

Да, не е фенси да блогираш, ама никад не блогирав зошто е фенси...

... и така. Се читаме!