18 March 2018

Која година е? 1918 или 2018?

Колку ли само анахрони дебати имаме во земјава? Национални интереси, предавници, херои, јазик... Темиве повеќе ми личат како да сме 1918 година, а не 2018.

Светот драстично ќе се менува во наредниве декади и, како што тргнало, ние нема да бидеме ниту во последниот вагон: затоа што се занимаваме со глупи теми.
"What I can tell you however, is to just sit here and hope it wont happen, is a bad idea... is a really bad idea!" - Walker Hirsch (TEDx Manchester)
Наместо образованието да го прилагодиме на потребите на иднината, ние го прилагодуваме на потребите на минатото.

15 March 2018

Фериде Фериде...

(Фокус) 15.03.2018 - Општеството треба да почитува различни животни навики. Забраната за пушење е почеток на тоталитарна психологија. Дозволете да се забрани задоволството на посебни места и ќе го имате фашизмот – додаде Мухиќ.

Драг професоре Мухиќ, имплицирате дека забраната за пушење води кон фашизам. Да Ве потсетам на неколку забрани на задоволства, кои исто како и забраната на пушење, постојат затоа што ги заштитуваат правата на другите.

  • Педофилите гледаат задоволство во сексуални односи со деца... на нив им го забрануваме задоволството, па тоа не води кон фашизам.
  • Садистите уживаат во измачувањето на луѓе... им го забрануваме тоа задоволство, па тоа не води кон фашизам.
  • Нацистите уживаат во етнички чисти држави... им го забрануваме тоа уживање, па тоа не води кон фашизам.
  • „Сељаците“ уживаат во борби со кучиња... им го забрануваме тоа задоволство, па тоа не води кон фашизам.

Се согласувам дека треба да има слобода и толеранција за задоволствата и идентитетите, ама тие слободи не треба да ги ограничуваат туѓите слободи. Без таква принципиелност ќе добиеме некој современ Калигула... или Хитлер.

Кој гласаше ЗА пушењето

(СДК) 15.03.2018 - Со измените, како што кажа при образложувањето на Предлог-законот Томислав Тунтев, е предвидено да биде дозволено да се пуши на тераси, бавчи и платформи надвор од угостителските објекти и кога тие се затворени поради временските услови. Тој кажа дека не се бара да се укине забраната за пушење во јавните институции, установи, автобуски станици, канцеларии и други затворени простории.

Сликава десно е преземена од текстот на СДК: тоа е всушност листа на пратеници кои гласале за либерализација на Законот против пушење.

Нека стои тука, ќе се најде. Добро е да знаеме кој како размислува.

Во Македонија живеат 2 милиони деца

Што е главниот проблем во Македонија? Тоа што на луѓето секогаш некој друг им е крив за работите што ни се случуваат: ретко кој помислува на тоа што и како тој самиот придонел за ситуацијата. Уште поретко гледам луѓе кои зборуваат и помислуваат „Добро, како може да придонесам за да се подобри сегашната состојба!“

Постојат повеќе имиња за тоа однесување - незрелост, детинавост, неодговорност.

14 November 2017

Слободна врска

Жено моја со коси како дрво кога гори
Со мисли како молњи во горештина
Со половина на песочен часовник
Жено моја со половина на видра меѓу забите на тигарот
Жено моја со уста како значка и како китка најситни ѕвезди
Со заби како траги на бел глушец врз бела земја
Со јазик од килибар и од рапаво стакло
Жено моја со јазик од обесветена причесна
Со јазик на кукла што ги отвора и ги затвора очите
Со јазик од неверојатен камен
Жено моја со трепки како цртички од тетратките на првачињата
Со веѓи како рабови од ластовичко гнездо
Жено моја со слепоочни длапки од лискавица од покривот на стаклените бавчи
И од измаглина врз прозорците
Жено моја со рамена како шампањско
И како фонтана со глави на делфини под мраз
Жено моја со зглавки како зрна кибрит
Жено моја со прсти од случај и кец херц
Со прсти од покосено сено
Жено моја со мишки како иванденска ноќ
Како козјо грозје и како гнездо на рипки од аквариум
Со раце од пена на морски брег и крај брани
И од смеса на жито и на воденички камен
Жено моја со нозе како вретена
Со движења на часовник и на безнадежност
Жено моја со ножни листови од срцевина на боз
Жено моја со стапала како почетните букви по старите книги
Со стапала како врзоп клучеви фрлен крај бродските мајстори што пијат

Жено моја со врат од неизлупен јачмен
Жено моја со грло како Златна долина
Како состанок дури и во коритото на поројот
Со дојки од ноќ
Жено моја со дојки како морски кртечини
Жено моја со дојки како посатки од рубин
Со дојки како привиденија на ружи под роса
Жено моја со стомак како ширење на ладалото на деновите
Со стомак како џиновска канџа
Жено моја со грб на птица која полетува вертикално
Со грб од живо сребро
Со грб од светлина
Со тил од измазнет камен и од навлажена креда
Со тил како пад на чаша од која штотуку е испиен пијалакот
Жено моја со бедра како чун
Со бедра од сјај и од перки на стрели
И од пердуви на бел паун
Како неподвижна терезија
Жено моја со задник од песочник и од азбест
Жено моја со задник како грб на лебед
Жено моја со задник како пролет
Со секс од перуника
Жено моја со секс од златно наоѓалиште и од австралиски клунар
Жено моја со секс од алги и од старовременски бонбони
Жено моја со секс од огледало
Жено моја со очи полни солзи
Со очи како виолетова збирка на оружје и како магнетна игла
Жено моја со очи на савани
Жено моја со очи како вода подадена на затвореник
Жено моја со очи на шума секогаш под закана на секирата
Со очи како либела во која се урамнотежуваат водата воздухот земјата и огнот
Андре Бретон

09 November 2017

Кловн

Еден ден.
Еден ден, можеби наскоро.
Еден ден ќе ја искорнам котвата што го држи мојот брод далеку од морињата.
Со оној вид храброст што треба да се има за да се биде ништо и ништо друго освен ништо, јас ќе оставам се што се чинело дека ми било неразделно блиско.
Ќе го пресечам, ќе го пресвртам, ќе го скинам, ќе го парчосам.
На еден здив ќе ги изблујам мојата бедна срамежливост, моите бедни замисли и врски во кои малку по малку сум се заплеткувал.
Испразнет од израстокот што потекнува од желбата да се биде некој, јас одново ќе пијам од хранливиот простор.
Со подбивни удари, со соборувања од престолот (што е тоа соборување од престол?), со прасок, со празнина, со потполно растурање-исмејување- чистење ќе го исфрлам од мене обликот за кој се верувало дека е толку добор прицврстен, направен, ускладен, подреден според мојата околина и според моите блиски, моите толку почитувани, толку почитувани блиски.
Ќе бидам свесен на понизност каква што се среќава по катастрофи, на потполна зарамнетост како по некој силен страв.
Спуштен, пониско од најниската мера, до моето вистинско скалило, до најниското скалило што сум го напуштил воден од не знам повеќе каква мисла - славољубивост.
Уништен во однос на височината, во однос на почитта.
Изгубен (или дури ни тоа) некаде далеку, без име, без идентитет.
Како КЛОВН што со подбивност, со искривоколченоста, со прснувањето во смеа ја уништува смислата која јас сум ја создал, наспроти секаква разумност, за мојата важност.
Ќе се нурнам.
Без грош во долниот дух-бескрајност отворен за сите,
отворен и самиот за една нова и неверојатна роса,
со согласност да бидам никој
и низок...
и смешен...
Анри Мишо

06 November 2017

Љубовна песна

Еве од што е составена симфониската песна на љубовта
Постои во неа песната на љубовта од дамнешни времиња
Шумот на жестоките бакнежи на славните љубовници
Љубовните крикови на смртничките силувани од богови
Машките знаци на легендарните херои кренати како противавионски топови
Неприродното виење на Јасон
И победничката химна што првите знаци на сонцето ја предизвикува
како пеење на неподвижниот Мемнон
Постои тука крикот на Сабињанките во мигот на грабнувањето
Постојат исто така љубовните крикови на ѕверовите во џунглите
Тајниот шум на сокот што се искачува во тропските билки
Грмењето на артилериите што ја исполнуваат ужасната љубов на народите
Брановите на морето во кои се раѓаат животот и убавината

Постои тука песна на сета љубов на светот
Гијом Аполинер