Сите молчат, никој не се помрднува, автобусот стои... Дури и средношколците, кои за малку ќе се степаа во задниот дел на автобусот, стојат здрвени. Донесов мир и стабилност.
Петок, 4 април 2008 година. Станувам, ги облекувам панталоните, ставам рака в џеб... и оп! 50 евра. Од каде 50 евра во мојот џеб? Го пуштам телевизорот и што да видам: гледам дека се добро тргнало во Букурешт и дека Македонија ја примиле во НАТО.
Онака радосен одам во ходник и се наведнувам да ги облечам патиките... Оп! Покрај нив на ѕидот стои потпрена ганц нова пушка М16 од американско производство, една од најупотребуваните пушки во НАТО.
Уште порадосен излегувам од дома со пушката на рамо, потешка од мојот преполн ранец и влегувам во црвениот автобус на ЈСП. Додека 24-ка врти кај „подвозникот“, стојам исправен и со едната рака ја држам прерамката на пушката, а со другата сум ја зграпчил шипката за да не загубам рамнотежа. Автобусот застанува наеднаш и мене пушката ми паѓа од рамото, ја земам со две раце и ја репетирам... Наеднаш забележувам дека вревата во автобусот престанала, никој не се помрднува, сите гледаат во мене преплашено, бабички со плетени корпи кои тргнале на пазар, дедовци со зелени книшки во ќесички од „Градски аптеки“, ученици со ранци поголеми од нив, студенти со црвени папки... Сите молчат, никој не се помрднува, автобусот стои... Дури и средношколците, кои за малку ќе се степаа во задниот дел на автобусот, стојат здрвени. Донесов мир и стабилност.
Немир и нестабилност
Ете. Затоа треба да влеземе во НАТО - тоа ќе ни донесе благосостојба во економски пропаднатава држава и стабилност во невралгичниот регион...
Не знам дали забележавте како изразите „оаза на мирот“ и „мала, но мирољубива земја“ постепено се повлекоа од употреба. Не сме повеќе мирољубиви. Напротив, вооружени сме до заби. Никој не знае колку точно оружје има во моментов во државава, ама бројката е премногу голема за да можеме да се сметаме себеси за мирољубиви. Бидете уверени дека со влезот во НАТО таа бројка нема да се смали. Напротив, ќе се вооружуваме со уште повеќе и уште помоќно оружје. И тоа вооружување ќе се финансира и од парите што ги плаќаме како данок.
Со плати од нашите даноци наши војници ќе патуваат низ светот и ќе убиваат лоши терористи, ќе шират мир и стабилност во земјите, во кои има немир и нестабилност.
И да, проверете деновиве, од кај знаете, може навистина некој ќе ви стави 50 евра во џеб.
Радосните жители на Букурешт
Многумина не сфаќаат што значи НАТО. Оние кои имаат економски или каков и да е друг интерес од полесно преминливите граници од петни жили им помагаат на американските „пријатели“ да не протуркаат во бандата. Набројувајќи ги бенифитите тие ќе заборават да ви кажат како ќе го платиме тоа задоволство, ќе заборават дека дури и да ни дозволат да патуваме без пасоши, половина од населението нема да мрдне затоа што нема пари.
Ама НАТО не е до парите. НАТО е до оружјето. Ќе бидеме безбедни и ќе шириме безбедност. Насекаде во светот. Онаква безбедност каква што деновиве ја доживуваат радосните жители на главниот град на Романија. 11.000 полицајци, 8.000 жандарми, 1.600 специјалци, 4.000 полицајци во цивилка, се мери радијацијата на водата и воздухот, поставени се снајперски позиции, од улиците се тргнати 150.000 кучиња-скитници, отстранети се корпите за отпадоци, заварени се отворите на шахтите. Раководството на државата најави дека доколку е потребна дополнителна безбедност Романија ќе ги повлече своите војници од мисиите низ светот. На граѓаните на Букурешт им се препорачало ако можат да отпатуваат од градот, а тие што ќе останат, да не излегуваат на прозорец. Да не беше страшно, ќе беше смешно. Можете ли да замислите како изгледаат улиците на Букурешт? Мир... Стабилност... Безбедност...
Ако нивната визија за мир и стабилност е таква, одбивам да ја прифатам и не сакам мојата земја да учествува во неа.
03 април 2008
Не почнувајте ја револуцијата без мене!
Posted by
.аНТИ
at
четврток, април 03, 2008
Subscribe to:
Post Comments (Atom)



3 comments:
Браво за ова.
Умно, нема шо,
на Стоичко (или Комитата), кој имаше коментар кај Жаре Зомбификантот му напишав свој кометар со слична содржина (контекст), а и на колегата Психологот (блог за психолошки работи), му подреков нешто во слична насока.
Добро си го укапирал и прокоментирал овој дел од играта, но има уште, секогаш има уште.
Поздрав,
By Jove
Global Voices Online: Македонија: Блогерите дискутираат за Самитот на НАТО и Грција
Post a Comment