Вредностите што ги поставува владата на Груевски не се неевропски, туку, напротив, сосема европски. Тоа не можат да го сфатат оние што се заблудени со европропагандата. Тогаш кога ќе го сфатат, се надевам, дека ќе бидат малку поскептични во однос на нашата интеграција кон ЕУ
Европски вредности? Колку луѓе меѓу нас мислат дека ги разбираат? Јас до неодамна мислев дека знам што се тоа европски вредности, се до оној момент додека не решив да го проверам тоа. Дознав колку малку знам. Некаква тивка пропаганда перманентно ни создава слика дека Европа е нешто прогресивно, нешто слободно, нешто напредно, нешто што значи иднина. И тогаш кога ќе помислиме на Европа, нам ни доаѓа во глава синото знаме со дванаесет жолти ѕвезди, кои симболизираат напредни држави, нешто што претставува материјализација на вечните стремежи на европската култура кон обединување и кон напредок.
Мислејќи така, ние како да забораваме на темната страна на Европа, на она што не е напредно, слободно, нешто што се коси со човечкиот прогрес. Така, во оној момент кога ќе почне некој да зборува или да прокламира европски вредности ние помислуваме на светлата слика, а никако на темната. За нас европско и европски вредности станаа синоним за напредок.
Европропаганда - И тоа не е случајно. Некритичното гледање на евроинтеграциите како последица го имаат таквото голтање на се што е европско како позитивно, а на секој отпор на европските вредности, како отпор на напредокот. За среќа, или за несреќа, една појава има потенцијал да ни ги отвори очите. Но, само потенцијал, зашто и таквиот потенцијал нема да се оствари, доколку не го видиме.
Појавата на владата на Груевски и демохристијанските политики и иницијативи на неговата ВМРО-ДПМНЕ, како конзервативни, беа видени како антиевропски тенденции (се разбира, покрај политичкиот курс и стратегија во надворешната политика). Но тие немаат во себе ниту една претпоставка, некоја иманентна вредност, која не е европска вредност. Многу од конзервативните политики на нашата влада, се политики или биле политики на многу европски држави. Значи, вредностите што ги поставува владата на Груевски не се неевропски, туку, напротив, сосема европски. Тоа не можат да го сфатат оние што се заблудени со европропагандата. Тогаш кога ќе го сфатат, се надевам, дека ќе бидат малку поскептични во однос на нашата интеграција кон ЕУ.
Фактите за абортусот - Но, да се обидам да не зборувам премногу напамет и да додадам во овие мои тези како доказ преку примери. Да ги погледнеме некои од податоците (онака како што се дадени на англиската верзија на Википедија) за состојбите во европските држави поврзани со неколку од прашањата што ги отвора владата на Никола Груевски.
Абортусот во Италија станал легален во 1978 година, а во 1981 година се покренува референдум за негово повторно укинување. Во Чешката Република абортусот е дозволен, и ова според некои истражувања ужива голем јавна поддршка. Во Франција, пак, абортусот е легален од 1975 година. Што се однесува на Холандија пак, абортусот е дозволен од 1970-тите години, но со многу ограничувања, што кореспондира со некои од изјавите на македонските власти.
Западна Германија дозволила абортус од 1950 година, но процедурите и рестрикциите биле толку строги, што жените кои сакале да абортираат морало да патуваат во соседните земји за да изведат абортус. Источна Германија го легализира абортусот во 1974 година, но веќе во 1974 година се донесува исправка зашто се сметало дека е во спротивност со уставните одредби. Во 1992 година Бундестагот донесува акт според кој се дозволува абортус, но некои политичари веднаш го оспоруваат (меѓу нив е и бившиот канцелар Хелмут Кол). Што се однесува на Велика Британија, абортусот е дозволен во Англија, Шкотска и во Велс, додека работите стојат поинаку во Северна Ирска.
Европска веронаука - Што се однесува на религиското образование во јавните училишта и тука работите не стојат многу поразлично. На пример, во повеќето од германските федерални држави се дозволува во јавните училишта да се одржува религиска настава. И во Австрија ситуацијата е слична. Во Франција религијата е целосно забранета во училиштата. Во Велика Британија, пак, државата ги вклучува во својот образовен систем религиските училишта на католиците, на Црквата на Англија, како и еврејските училишта.
Значи, заклучок е дека и покрај тоа што е легален, абортусот многу често доживува оспорувања и обиди за криминализација. Самото тоа зборува дека обидот на владејачките структури да го криминализираат абортусот не е непознато за Европа, односно претставува европска вредност. И за веронауката можеме да тврдиме нешто слично. Вредностите што ги наметнува власта на Груевски не се неевропски, напротив: голем дел од европските земји ги имаат и ги негуваат. Значи, тоа се европски вредности, колку и да не им се допаѓаат на слепите еврофили.
Јас целосно ги поддржувам оние кои во име на напредокот се повикуваат на некакви европски вредности, ама проблемот е што се служат со погрешна аргументација. Доколку се навистина напредни, тие ќе треба да размислат за безрезервната поддршка што им ја даваат на евроинтеграциите. Зашто, на крајот на краиштата, и нацизмот е измислен во Европа, па и тој спаѓа во наследството на европската цивилизациска ризница.
02 март 2009
Европатија
Posted by
.аНТИ
at
понеделник, март 02, 2009
Subscribe to:
Post Comments (Atom)



3 comments:
За мене барем, прашањето за абортусот и веронауката во школите воопшто не кореспондира со евроинтеграцијата. Значи сум за Евроинтеграција и воедно сум против предлозите за криминализирање на абортусот и паралелно сум против воведувањето на веронаука во школите.
Можеби има некој што мисли дека треба да остане абортусот легален и да не се дозволи веронаука во школите поради тоа што “било така во Европа“, но за таков некој би рекла дека не е разумен, не ги промислува работите со своја глава туку само слепо следи инструкции.
А ако одиме по таа линија... и влезот во ЕУ не нуди пари во изобилие кои растат на дрво, мед и млеко по реките, но дефинитвно таа интеграција ќе ни ОВОЗМОЖИ повеќе опции. Сега кој како ќе сака, знае или умее да (не) ги искористи.. тоа е индивидуално.
Билјана Петрова
Да Билјана, апсолутно се согласувам дека треба да се мисли со своја глава... Всушност тоа и беше поентата на текстов: да не се голтаат безглаво европските вредности како прогресивни, туку да се препознае што во нив е напредно, а што конзервативно. Впрочем, оној што ќе проценува со своја глава ќе може да процени дека всушност погресивноста и европските вредности немаат ништо заедничко, односно дека европските вредности во еден случај може да се прогресивни, во друг конзервативни - зависи кој што сака да гледа (ако воопшто сака да прогледа).
Добро кажано, Ивица. Работите не се црно-бели, односно не може да се афирмира цел пакет, без да се земат во предвид и скапаните јаболка во него. И мене деновиве ме испровоцираа тие декларирани европски вредности за малку да ја искритикувам Унијата (Европска Унија на Богатите).
Post a Comment