(Time)10.02.1961 - Носечката ракета поставена на рампата на Кејп канаверал беше Редстоун, воено застарена, но мошне сигурна армиска ракета. Прицврстена на нејзиниот нос беше вселенската капсула Меркур, направена да однесе човек во орбитата и да го врати жив. Капсулата беше со стандардна големина, но внатрешноста беше скроена за шимпанзо снабдена со специјална опрема која му одговара на нејзиниот патник кој не е човек.Денес можеби најпопуларната администрација од сите бирократски машини, НАСА, тогаш нова и анонимна, уште на самите почетоци на својата работа применува една перфидна игра за да се заштити од јавноста. Имено, знаејќи ги потенцијалните притисоци кои јавноста би можела да ги направи поради експериментите со шимпанза, тие решаваат да го избегнат ефектот на сочувство на граѓаните со животното. Поради тоа, одлучуваат да го направат животното безимено, без идентитет, а со тоа и без имиџ/слика која си ја создаваме за нештата кои ги именуваме. Без таквата слика, поистоветувањето станува помалку веројатно, а сочувството потешко.
На полноќ пред летот, на избраното шимпанзо му се прави последниот лекарски преглед.
Во оваа фаза официјалното име на животното е „Бр. 65“ затоа што Националната администрација за аеронаутика и вселена (НАСА) не сака тоа да добие премногу јавен персоналитет, во секој случај, доколку не се врати живо. Неговото име за време на тренингот во лабораторијата на воздухопловните сили беше Чоп Чоп Чанг. Само доколку го преживее патот во вселената, ќе биде дозволено користењето на неговото име „Хам“, според кратенката на името на местото каде што беше трениран“
Случаи како горниов не се ретки. Ниту администрацијата што одлучила да користи такви методи не измислила нешто ново, ниту, пак, останала единствена што ги користела.
КОРОЉЕВ vs ВОН БРАУН - На спротивната страна, пак, Советите се чекор понапред во својата вселенска програма. Додека поранешниот нацист Вернер вон Браун за САД развива ракети што ќе однесат и ќе врата жив човек во орбитата, Советите веќе го остваруваат тоа. Другарот Гагарин станува првиот човек што орбитира околу планетата и се враќа жив.
Неколку години пред овој успех, Советите од заточеништво во Гулаг го ослободуваат Сергеј Корољев, генијален конструктор на ракети, за да развие ракета која ќе може да однесе неколкутонска нуклеарка право во срцето на капитализмот, Вашингтон. Тој успева со конструирањето на ракетата Р7. Истото тоа чудо, ќе го однесе Гагарин во орбитата и ќе ја почне трката за вселената.
Додека Вон Браун ужива јавен публицитет во САД, името на неговиот соперник Корољев е најстрога тајна. Советските служби препознаваат опасност дека тој би можел да биде убиен за да се спречи развојот на вселенската програма, па решаваат да го направата „невидлив“. Како? Едноставно, не постои неговото име. Ако не можат да го именуваат, странските служби не ќе можат ни да го лоцираат, ни да извршат атентат врз него.
ПРАВОТО ДА СЕ ИМЕНУВА - Горните два примера, од времето на Студената војна (би можеле ли толку лесно да ја замислиме доколку немаше име) расветлуваат еден метод на манипулација. Метод на прикривање, ама прикривање не зад нешто, туку зад ништо. Ако нешто нема име, тоа значи дека не можеш да го кажеш; ако не можеш нешто да кажеш, тоа значи дека не можеш да пренесеш информација за него. Па така, за многу работи за кои чувствуваме дека постојат и се случуваат, ние не можеме да зборуваме, затоа што некој ги крие зад ништото, зад молкот. Слично како и со племенската забрана да се изговара името на тотемот или, пак, забраната да се изговара името на Бог за да му се зададат мистични размери и тој да не може да се анализира.
Пораката од горните два примери е дека никој не смее да има монопол над именувањето и над имињата: тука спаѓаат и името на државата, името на луѓето, името на предметите, името на секој поим што ќе ви падне на ум. Секој вљубеник во слободата и во правдата мора да застане зад правото да се именува.
Обидот да не се именува, односно да не се мисли, да не се замисли, да не се помисли е исто толку антидемократски колку што е и обидот да се забрани да се изговори, да се забрани да се мисли, да се забрани да се замисли, да се забрани да се изговори.
Поинаку, сите сме безимени шимпанза за експерименти.
No comments:
Post a Comment