никогаш од човекот нема да извлечете такво признание што ќе го обвини за
животот зашто тој е создаден мал наспрема бескрајната огромност на
универзумот тој ја гледа светлата линија на разумот која се издолжува
низ епохите но одрекува било каква поврзаност со своето его ако го
распнете тој ќе ви го раскаже животот до детали но од тоа нема да
извлечете обвинение зашто тој е суштество создадено за слобода
некаков
таен сојуз е склучен и човекот знае за него но останува во својата
лулка зашто во неа ги сознава времињата минати и времињата идни тој со
згрчениот бицепс на спознанието расклопувачот на галаксии оној што тивко
ги црта траекториите на планетите по кожата на својот ближен неспокојно
лежи во својата лулка и чека магнетните полиња да натежнат на срцевата
орбита
ништо од човекот не е направено без дозвола тој е целосно
легален ако протестирате тоа ќе го потврди како суштество само за себе
ќе потврди дека станува збор за апсолутен човек без исклучоци ако е
тажен неговата гранка расте спротивно на гравитацијата и историјата ако
се смее неговата гранка натежнува со плодови и ништо не можете да
направите околу таквата појава
од лево лежи тигар од десно
неговата ампутирана нога која со текот на годините сраснува со постелата
ако го покриете преку него ќе се раствори во прав сè што сте имале да
му кажете зашто тој е неприкосновен косач на фантазијата јавач на мисли
гледач на соништа ништо во човекот не е по мерка на божественоста но тој
се создава себеси како човек повеќе од човек
16 February 2010
Човек
04 March 2009
Стативот на Александар
Една од клучните теми на кои почнаа да се кршат копјата во оваа кампања е таканаречената антиквизација на Македонија, што наводно ја предизвикал Никола Груевски. Сe си мислам дека нашиот многу сакан премиер и неговата дружина ниту го развиваат, ниту го планираат овој феномен. Тие, како и големо мнозинство етнички Македонци во државава се само консументи на антиквизацијата, тие јаваат на Букефал против аждајата од југот во света војна за името. Како и би можело да биде поинаку кога си имаме работа со еден популист. Штом некој феномен стане масовен, или барем има потенцијал да стане таков, популистот во него гледа шанса за себе.
Она на што сакам да обрнам внимание е дека антиквизацијата, исто како и сe понагласената религиозност, а во истиот кош е и криминализацијата и корупцијата, се различните еманации, односно, симптоми, поинаквите лица на една друга појава. А таа е од економска природа.
Прогресивен капитализам - Ако за нешто може да се пофали капитализмот, тоа е неговото безмилосно уривање на средновековните вредности и ослободувањето на човекот од ирационалните догми на религијата, окултизмот и митологијата. Со развојот на индустриското производство се развиваат и капиталистичките вредности во кои главен фактор на напредокот е масовното производство на стоки. Тие стоки вредат само ако се продадат, а имајќи предвид дека станува збор за масовно производство на исти стоки, купувачите мора да бидат со релативно изедначени навики и потреби. Значи, големите количества исти производи придонеле да се укинат ирационалните разлики меѓу различни средини и култури - материјалното го укинало ирационалното.
Но, тоа е само еден дел од придонесот на капитализмот во рушењето на ирационалните догми. Самата индустријализација и потребата за постојан развој претпоставува потреба од постојано вложување во развој на нови технологии и научни достигнувања. Во светот на безмилосната конкуренција на пазарната економија нема простор за оние кои не се усовршуваат и не прават поквалитетни и поевтини производи. А за тоа се потребни нови технологии и постојани научни откритија. Технолошко-научниот напредок е неопходен за успех. Таквите процеси водат кон наметнувањето на науката како услов за напредок, а религијата и митологијата, како фактори кои може да значат назадување.
Манипулативна економија - Пишувајќи една анализа за нашава килава транзиција дојдов до еден интересен податок дека македонското стопанство е претежно ориентирано кон непроизводствени дејности. Главните профити македонските фирми ги направиле во фармацијата, телекомуникациите, продажбата на лекови, медиумите и во тргувањето на македонската берза. Значи, клучни биле трговските вештини и вештините на манипулацијата. А за произведување ветер и магла науката и нејзините вредности може само да наштетат. Зарем некој сака луѓе што се сомничави кон сe, што за сe сакаат доказ, луѓе кои се обидуваат да проверат сe што ќе се каже. Тоа може да биде штетно за трговско-манипулантската логика. Нејзе & требаат верници, поклоници на големите митови, & требаат вљубеници во ирационални слики за овој свет и за други светови. Тогаш продажбата цвета, манипулациите поминуваат лесно и никој не се сомнева во нив.
Митологика - И каде е сега тука антиквизацијата? Имајќи предвид дека на македонската економија, како неиндустриска, односно ориентирана кон трговија, не & се потребни науката и нејзините вредности. Митологијата (антиквизацијата) е традиционалистичка дисциплина, догматска, ориентирана кон минатото и традицијата. Наспрема неа, науката (па ако сакате и археологијата) е динамична, недогматска, антитрадиционална, дијалектичка.
Според тоа, претпоставките на антиквизацијата не извираат од некаква стратегија на сегашнава владејачка камарила (иако одлично се вклопува во некои нивни стратегии), туку од начинот на кој функционира македонското општество, од начинот на кој ги снабдува своите членови со продуктите кои им се потребни за да живеат.
13 November 2008
Што може да значи зголемениот интерес за делата на Маркс?
Прилог кон дебатата за влијанието на кризата на капитализмот врз зголемениот интерес за марксизмот
1. „…
под влијанието на кризата на капитализмот (крајот на шеесетите години
на XX век - заб. И.А.) која започнува, настануваат бурни промени во
марксистичката мисла на Западна Европа. Настанува ситуација, за која
Маркс би рекол дека не само што се стреми мислата кон остварување, туку и
самата стварност се стреми кон мислата - историската практика и се
наметнува на теоријата, односно ја репродуцира теоријата. Во таа нова
историска ситуација се засилува класнореволуционерната ориентација на
марксизмот, а бидува потисната позитивистичката и
апстрактно-хуманистичката ориентација. Наместо едностраната и
неисториска антрополошка тематика која веќе се исцрпувала во јаловите
расправи за отуѓувањето, слободата, човекот како човек, во прв план на
марксистичките расправи доаѓаат прашањето на работничката класа и
нејзините револуционерни борби, на производните сили, на содржината и на
целите на социјалистичката револуција, на економската криза, на
класниот карактер на науката, на културата, на образованието, на односот
на теоријата и на практиката и слично.
Покрај тоа тие расправии
одново го афирмираат единството на марксистичката теорија. Филозофијата
повеќе не се јавува одвоена од другите делови на марксизмот, таа е
присутна во анализата на економијата, на производните сили, на класната
борба. Класната борба се разгледува заедно со своето политекономско
втемелување, а се пробива и мислата за теоријата за револуцијата
изведена од филозофски заснованата критика на политичката економија со
посредство на учењето за класната борба.“ (Извадок од текстот „Марксизам
- теорија на пролетерската револуција“ на Милош Николиќ објавен во 1977
година)
2. Со кризата на
капитализмот и со нејзиното натежнување на грбот на работничката класа
повторно се зголемува интересот за марскистичката теорија. Сепак,
интересно е од каква природа е тој интерес, значи кои му се мотивите, и
што може да најде во марксизмот, а што во другите науки на може да го
најде?
Прво, според некои теоретичари и марксисти, по втората
светска војна марксизмот на Запад почнува да ја губи целината на учењето
и се разбива на неговите составни делови: филозофската основа,
историскиот материјализам, критиката на политичката-економија, учењето
за класната борба и теоријата на социјалната револуција. Како такви, тие
засебно не се марксизам, односно, ја губат главната цел на целокупното
марксово дело, а тоа е револуционерната измена на светот. Тргнувајќи од
фактот што во моментов не постојат релевантни сили на Западот кои
повикуваат или работат на револуционерна измена на светот, може да се
заклучи дека мотивите за зголемениот интерес за марксизмот не се од
револуционерна природа. Се поставува прашање, дали воопшто станува збор
за зголемен интерес за марксизмот, или само за одредени негови сегменти,
што, со самото исклучување на револуционерните мотиви, се бенигни за
капитализмот.
Второ, тогаш, се поставува прашањето какви се тие
мотиви? Ако воопшто тие мотиви имаат врска со практиката, тогаш таа се
состои во тоа да се осознаат слабостите на капитализмот и да се
поправат. Значи, станува збор за реакционерни мотиви, интерес кој има за
цел да го одржи капитализмот во живот. Изменет, но сепак капитализам.
Тоа се цели кои се во директна спротивност на самата суштина на
марксизмот, а кои одат во прилог на граѓанското сфаќање на неговите
делови - што е во суштина сосема безопасно за капитализмот, и бесполезно
за работничката класа.
3.
Вистинскиот интерес за марксизмот, односно, за науката за
револуционерната промена на светот, ќе се развие тогаш кога последиците
од кризата на капитализмот ќе се почувствуваат на грбот на
пролетеријатот во нивната полна сила. Со тоа ќе се исполни условот тој
интерес да има своја втемеленост во материјалното живеење, а не само во
теоријата.
4.
Капиталистичките општества во периодот на Студената војна развија
механизми на амортизација на незадоволството и затапување на класната
борба, најчесто со несуштински козметички реформи, при тоа користејќи ја
обилно и поддршката на реформските струи во работничките партии и во
синдикалните организации. Краен израз на таквите квазиослободителни
тенденции се државите на таканаречениот капитализам со човечко лице
најсилно изразени во Скандинавските земји, а кои во суштина се сепак
само капитализм.
Дел од таквите механизми директно ги презедоа и државите на таканаречениот поранешниот социјалистички блок.
Тоа затапување на класната борба ќе се одвива на две нивоа.
Прво,
капиталистичките општества ќе преземат мерки со кои ќе заштитат дел од
работничката класа од последиците на кризата, но за возврат многукратно
ќе им ги намалат нивните права. Кризата ќе резултира со затворање на
многу компании и зголемување на невработеноста, што ќе води до кастрење
на работничките права. Со таквите козметички мерки, капиталистичките
држави ќе се обидат да го намалат револуционерниот потенцијал на
мнозинството.
Второ, на теоретско ниво, ќе продолжи да се форсира
граѓанското сфаќање на марксизмот, како комплекс од науки во повеќе
сегменти, при тоа, намерно изоставајќи ја целината која подразбира
револуционерна промена на светот,односно, укинување на капитализмот.
09 April 2008
Свирчето на новинарот
Секој што барем малку, дури и лаички, го познава фудбалот знае дека добар судија е оној што на теренот е незабележлив. Добриот судија не треба да ја прекинува играта прекумерно и без причина, не треба да го расипува надигрувањето, а за конечниот исход на натпреварот, наместо играта на тимовите, да решат неговите одлуки. Во ниеден случај тој не смее да стане еден од оние што ќе повлијаат на настаните на теренот, не смее да биде играч.
Публиката на стадионите не доаѓа за да го гледа него, туку играта. Тој не е настан, настан е фудбалската игра.
Наспрема тоа, лошиот судија станува фактор, го контролира резултатот, често донесува драстични одлуки, се конфронтира и ги иритира фудбалерите и наместо да овозможи играта да стане поубава, тој ја прави валкана.
Овој пример го дадов за да илустрирам како отприлика изгледа улогата на новинарите во текот на општествените движења. Изненадувачки е колку сличности има во ситуацијата во која се наоѓа новинарот и онаа на фудбалскиот судија.
Укорот на ЗНМ Се случи група македонски новинари да ја напуштат прес-конференцијата на првиот човек на НАТО, Јап де Хоп Шефер во Букурешт. Верувајте ми, човекот ми е антипатичен, организацијата на чие чело стои ми е одвратна, ама мојата прва реакција кога слушнав за тоа беше осуда.
Деновиве неколкумина од тие новинари јавно кажаа дека откако се случил настанот тие станале ѕвезди, дека нивните странски колеги потрчале да им земат изјави или да им направат интервју. Одеднаш, новинарите се најдоа од другата страна на камерите. Наместо медиуми, станаа предмет на медиумска обработка - и со тоа, секако, престанаа да бидат новинари.
Кога судијата престанува да суди добро и кога ја губи неутралната позиција, тој станува играч на една од страните, а не арбитар. Џабе му е поинаквиот дрес и свирчето (кога сме кај свирчињата).
Го поддржувам укорот што им го дадоа од Советот на честа на Здружението на новинарите и сосема се согласувам со оцената дека постапката во Букурешт не била во согласност со професионалните стандарди. Според новинарското здружение „ваквите постапки се соодветни за ситуации кога новинарите на каков било начин се попречени да ја извршуваат својата професионална задача, што не било случај со пресот на генералниот секретар на НАТО".
И полицајците се граѓани Но, да се обидеме да го заборавиме овој настан, сепак, ќе нe дочекаат уште десетици или стотици други. Новинарите, македонски или странски, се премногу често оптоварени со остварување некаква просветителска мисија. Нивната работа не е да учествуваат во настаните од кои известуваат или да се солидаризираат со некоја од страните. Медиумите може да им дадат глас на тие што немаат глас, ама не и да ја водат нивната битка. Битката на новинарите е да информираат, да прават слика за светот која најдобро ја одразува реалноста таква каква што е. Колку што можат подобро. Сe друго е злоупотреба на нивната позиција.
Образложението дека и новинарите се луѓе е апсолутно несоодветен аргумент. И полицајците пред грчката амбасада се луѓе, но што треба да направат? Наместо да ја бранат амбасадата од хулигани, треба ли да ги свртат пушките кон амбасадата и да пукаат кон прозорците на канцелариите на грчките дипломати? И полицајците се луѓе. Сигурен сум дека и тие се изреволтирани од апсурдното барање на Грците. Што би се случило ако и тие, како и новинарите, си речат, чекај и ја сум граѓанин и имам чувства, ќе ја оставам за малку работата, па ќе и се придружам на толпата?
Да, и новинарите се граѓани. И тие имаат право да изразуваат политички ставови и јавно да кажат што мислат. Неутралноста е невозможна. Дури и теоретски, не е можно медиумите да бидат независни и објективни. Она што ни останува е да се држиме до правилата на професионалноста и балансираното известување. Нема секогаш да успееме, однапред треба да знаеме, ама секое прекршување треба да се смета за прекршок, а не за успех и херојство.
13 December 2007
Шимпанзо бр.65
(Time)10.02.1961 - Носечката ракета поставена на рампата на Кејп канаверал беше Редстоун, воено застарена, но мошне сигурна армиска ракета. Прицврстена на нејзиниот нос беше вселенската капсула Меркур, направена да однесе човек во орбитата и да го врати жив. Капсулата беше со стандардна големина, но внатрешноста беше скроена за шимпанзо снабдена со специјална опрема која му одговара на нејзиниот патник кој не е човек.Денес можеби најпопуларната администрација од сите бирократски машини, НАСА, тогаш нова и анонимна, уште на самите почетоци на својата работа применува една перфидна игра за да се заштити од јавноста. Имено, знаејќи ги потенцијалните притисоци кои јавноста би можела да ги направи поради експериментите со шимпанза, тие решаваат да го избегнат ефектот на сочувство на граѓаните со животното. Поради тоа, одлучуваат да го направат животното безимено, без идентитет, а со тоа и без имиџ/слика која си ја создаваме за нештата кои ги именуваме. Без таквата слика, поистоветувањето станува помалку веројатно, а сочувството потешко.
На полноќ пред летот, на избраното шимпанзо му се прави последниот лекарски преглед.
Во оваа фаза официјалното име на животното е „Бр. 65“ затоа што Националната администрација за аеронаутика и вселена (НАСА) не сака тоа да добие премногу јавен персоналитет, во секој случај, доколку не се врати живо. Неговото име за време на тренингот во лабораторијата на воздухопловните сили беше Чоп Чоп Чанг. Само доколку го преживее патот во вселената, ќе биде дозволено користењето на неговото име „Хам“, според кратенката на името на местото каде што беше трениран“
Случаи како горниов не се ретки. Ниту администрацијата што одлучила да користи такви методи не измислила нешто ново, ниту, пак, останала единствена што ги користела.
КОРОЉЕВ vs ВОН БРАУН - На спротивната страна, пак, Советите се чекор понапред во својата вселенска програма. Додека поранешниот нацист Вернер вон Браун за САД развива ракети што ќе однесат и ќе врата жив човек во орбитата, Советите веќе го остваруваат тоа. Другарот Гагарин станува првиот човек што орбитира околу планетата и се враќа жив.
Неколку години пред овој успех, Советите од заточеништво во Гулаг го ослободуваат Сергеј Корољев, генијален конструктор на ракети, за да развие ракета која ќе може да однесе неколкутонска нуклеарка право во срцето на капитализмот, Вашингтон. Тој успева со конструирањето на ракетата Р7. Истото тоа чудо, ќе го однесе Гагарин во орбитата и ќе ја почне трката за вселената.
Додека Вон Браун ужива јавен публицитет во САД, името на неговиот соперник Корољев е најстрога тајна. Советските служби препознаваат опасност дека тој би можел да биде убиен за да се спречи развојот на вселенската програма, па решаваат да го направата „невидлив“. Како? Едноставно, не постои неговото име. Ако не можат да го именуваат, странските служби не ќе можат ни да го лоцираат, ни да извршат атентат врз него.
ПРАВОТО ДА СЕ ИМЕНУВА - Горните два примера, од времето на Студената војна (би можеле ли толку лесно да ја замислиме доколку немаше име) расветлуваат еден метод на манипулација. Метод на прикривање, ама прикривање не зад нешто, туку зад ништо. Ако нешто нема име, тоа значи дека не можеш да го кажеш; ако не можеш нешто да кажеш, тоа значи дека не можеш да пренесеш информација за него. Па така, за многу работи за кои чувствуваме дека постојат и се случуваат, ние не можеме да зборуваме, затоа што некој ги крие зад ништото, зад молкот. Слично како и со племенската забрана да се изговара името на тотемот или, пак, забраната да се изговара името на Бог за да му се зададат мистични размери и тој да не може да се анализира.
Пораката од горните два примери е дека никој не смее да има монопол над именувањето и над имињата: тука спаѓаат и името на државата, името на луѓето, името на предметите, името на секој поим што ќе ви падне на ум. Секој вљубеник во слободата и во правдата мора да застане зад правото да се именува.
Обидот да не се именува, односно да не се мисли, да не се замисли, да не се помисли е исто толку антидемократски колку што е и обидот да се забрани да се изговори, да се забрани да се мисли, да се забрани да се замисли, да се забрани да се изговори.
Поинаку, сите сме безимени шимпанза за експерименти.
26 April 2006
Пловиме на Титаник
- „Амбиентот којшто не опкружува длабоко не одредува и условува. Влијае на нашето расположение, мисли, на нашата среќа.“
- „Живееме во се погрди градови, работиме во бучни канцеларии, опкружени сме со грд мебел и се залажуваме дека низ сиот тој хаос можме да поминеме неоштетени!“
- „Иднината не постои! И покрај некои истражувања, секоја визија на иднината е само фантазија, проекција на нашето несвесно.“
- „Веќе подолго време имам чувство дека патувам со бродот кој се вика Титаник. И верувам дека тој брод почнал да тоне“
02 April 2006
Светот е поголем од суверенитетот
Границите се вештачки творби што потекнуваат од поделбата на териториите на суверените владетели. Светот на луѓето не се граничи со суверенитетот на државата. Светот е поголем од суверенитетот.